Нема причина за паника околу американските визи – уверува премиерот Христијан Мицкоски. Тој вели дека Македонија има одлични и стабилни односи со Соединетите Американски Држави и дека во наредните денови се очекуваат позитивни вести за македонските граѓани.
Мицкоски појасни дека промените се однесуваат само на една тесна категорија емигрантски визи и дека тоа не ги засега граѓаните кои патуваат во САД на одмор, на работа или на школување. Премиерот порача дека граѓаните можат да бидат мирни и дека Владата е во постојана комуникација со американските партнери.
„МНР веќе даде свој коментар за ова, станува збор за имигрантските визи, не за визите за студирање или туристички посети. Но, јас мислам во деновите кои што следат ќе има добри, пријатни вести за македонските граѓани кога станува збор за ваков тип на односи со нашиот стратешки партнер. Јас би бил внимателен и трпелив и очекувам многу добри вести за Македонија во наредниот период“, рече премиерот Христијан Мицкоски.

Премиерот жестоко ја обвини опозицијата дека без потреба отвора прашања за надворешната политика. Според него, реакциите поврзани со Обединетото Кралство неосновано се пренесуваат и на односите со САД, со што се создава непотребна вознемиреност кај јавноста.
“Жалам што опозицијата после жестоките и рафалните критики кон нашиот стратешки партнер Обединетото Кралство сега го прави истото и против САД. Ќе ве потсетам, не така одамна, кога беа наметнати оние трговски тарифи од 35 отсто, истите тие опозициски перјаници, кои јас ги нареков талог на општеството во политиката, поитаа да го навредуваат нашиот стратешки партнер, а никаде ги немаше да се извинат кога се нивелираше таа стапка на 15 отсто” – рече Мицкоски.
Последните статистики на Стејт депратментот на САД велат дека бројот на имигрантски визи издадени за македонските државјани бележи јасен пад во изминатата деценија. Во 2024 година се издадени 573 иселенички визи, речиси двојно помалку отколку во 2015 и 2016 година, кога бројката надминуваше 1.300 годишно. Најмногу визи се издадени во 2017 година – 1.421, додека најмалку во 2020 година, само 225, поради ковид-пандемијата. Вкупно, од 2015 до 2024 година, на македонските граѓани им се издадени 8.163 имигрантски визи за САД.
Стејт департментот на САД воведе пауза на обработката на имигрантски визи за 75 држави, почнувајќи од 21 јануари 2026 година. Одлуката е донесена со цел засилена контрола на апликантите кои, според американските власти, можат да станат „јавен товар“ односно да зависат од јавни бенефиции.
Во интерен меморандум е наведено дека конзуларните службеници добиле насока да ги одбиваат апликациите согласно постојното законодавство. Мерката се вклопува во имиграциската политика на администрацијата на Доналд Трамп, најавена уште во ноември 2025 година. Паузата се однесува само на имигрантски (долгорочни) визи, додека туристичките, студентските и другите неимигрантски визи не се засегнати.
