Спортски игри, дружење, насмевки, навивање и многу детска енергија. Скопје денеска пулсира во знакот на спортот и младоста.На Плоштадот Македонија се отворија „Плазма – Спортските игри за млади“, најголемата детска спортска манифестација во државата, на која оваа година ќе учествуваат повеќе од 27 илјади деца.Младите ќе се натпреваруваат во десет спортски дисциплини – атлетика, ракомет,одбојка, одбојка на песок, мал фудбал, кошарка, шах, тенис, пинг-понг и народна игра.Најдобрите ќе добијат шанса да ја претставуваат државата на големото меѓународно финале во Сплит заедно со нивните врсници од регионот. Организаторите велат дека целта не е само победа, туку децата да се мотивираат да спортуваат, да стекнат нови пријателства и да растат во здрав спортски дух.
Спортот не е привилегија, спортот е право на секое дете – рече министерот за спорт Борко Ристовски, нагласувајќи дека државата вложува во младите, инфраструктурата и локалните институции за да гради здрави генерации.
„Спортувајте, другарувајте, учете, затоа што спортот е иднината на нашата татковина Македонија,“ порача премиерот Христијан Мицкоски .Тој истакна дека Владата ќе продолжи да го поддржува спортот и младите генерации.

“Навистина прекрасна глетка, ова да се види денеска на плоштадот во Скопје, претставува нешто божествено. Мене ми е чест што сум на првата сезона од „Плазма“ спортските игри за млади, убеден сум дека овие денови, овие недели, овие месеци од вашите животи ќе ги паметите цел живот.Спортувајте, другарувајте, учете затоа што спортот е иднината на нашата татковина Македонија.Ви благодарам и на вас наставниците, професорите што сте тука, а ние како Влада ќе продолжиме да го подржуваме спортот и да стоиме позади младите. Нека е со среќа и нека е со успех и нека победи подобриот” – рече Мицкоски.
Спортските игри ќе се одржуваат до крајот на јуни во различни градови. Државните финалисти ќе одат на меѓународното финале во Сплит од 17 до 23 август 2026.
