Производителите, трговците и Владата ќе разговараат за да се најде најдобриот начин како да им се помогне на граѓаните. Владата нема да донесе одлука за замрзнување на цените или на маржите пред да ги усогласи ставовите со бизнисот. На потег е министерот за економија и труд кој треба да ги покани производителите и трговците да седнат на иста маса пред „есенската кошница“ да се изгласа на Владина седница. Според премиерот важно е да се донесе решение кое ќе биде компромисно и за бизнисот и за граѓаните и сеуште постои простор да се преговара за есенската кошница. Тој е дециден – најдобро е пазарот да ги диктира цените, но во одредени случаи мора да се интервенира зашто постојат злоупотреби врз грбот на граѓаните.
Немаме намера да ги правиме работите на сила, мислам дека и производителите и трговците и мислиме добро на македонија и затоа треба да најдеме начин како . Да, јас стојам зад тоа што сум го кажал, но кога гледате дека поединци делуваат како монопол и дуопол, тогаш мора да интервенираме офанзивно. Онаму каде што пазарната економија ги диктира цените, нема да интервенираме. Јас сум за економијата да ги диктира цените, но има за жал поединци кои ја злоупотребуваат оваа позиција – истакна Мицкоски.
Кон крајот на месецов треба да започне и примената на законот за нефер трговски практики кој беше изгласан во март во Парламентот. Премиерот вели дека за стартот на овој Закон ќе го слуша бизнисот, веќе разговарал со Стопанската комора и сега топката е на нивна страна:

Утрово имав разговор и со претседателот на Стопанската комора. Ние добиваме од Комората различни писма. Нека се усогласат и нека ни кажат што да правиме – дали Владата да опстои на својот став за примена на Законот или да го одложиме – изјави Мицкоски.
Владата веќе донесе мерки за замрзнување на маржите на школскиот прибор, а есенската кошница беше најавена минатата недела во која треба да бидат опфатени 100 производи. Во наредниот период ќе се креира божиќна, рамазанска, велигденска потрошувачка кошница со измена на листата на производи во зависност од периодот во кој ќе се применува.
