Три нови брани, два гасни конектори и сигурна струја за дата-центри премиерот Христијан Мицкоски од Давос порача дека Македонија се позиционира како сериозна енергетска дестинација за светските инвеститори. Тој ги најави трите големи хидроенергетски проекти на Црна Река, како и изградба на два нови гасни конектори. Со тоа, капацитетот за снабдување со гас ќе се зголеми на 8 милијарди кубни метри годишно.
Целта, како што рече Мицкоски, е Македонија да има стабилна енергија за дата-центри и развој на вештачка интелигенција, што е клучно за привлекување странски инвестици.
“Градиме гасен интерконектор со Грција, а почнуваме и со изградба на гасен интерконектор што ќе ја поврзе државата со Србија. Ова се стратешки проекти од суштинско значење не само за нашата држава, туку и за целиот регион, со поврзувањето, земјава ќе го зголеми капацитетот за гас до 8 милијарди метри кубни годишно. Ова е само еден пример. Како Влада, го примаме целиот институционален ризик. Ова е нешто што можеме да им го обезбедиме како поттик на инвеститорите” – вели премиерот, Христијан Мицкоски.

Премиерот најави три стратешки проекти вредни 2 милијарди евра на Црна Река. Со нив ќе се обезбедат резерви на чиста вода за пиење, што е особено важно поради климатските промени.
“Зборуваме за три големи проекти вредни 2 милиајрди евра. Тие се стратешки важни не само за нас, туку за целиот регион. Тие ќе обезбедат резервоари со многу чиста вода за пиење. Имајќи ги предвид климатските промени, мислам дека регионот ќе има сè поголема потреба од вакви резерви. И двата се дел од каскада која се потпира на Црна Река. Низводно од таа каскада имаме најдобро земјоделско земјиште во цела Европа. Тој регион е познат како Тиквешки регион” – вели премиерот.
Учеството на македонската владина делегација на светскиот економски форум во Давос ќе донесе конкретни позитивни резултати со нови инвестиции и засилена позиција на меѓунардната сцена – велат од Владата.
Во фокусот на средбите биле енергетиката, високата технологија и стратешките инвестиции, при што премиерот Христијан Мицкоски остварил разговори со водечки светски компании. Македонија се претставила како сериозен и активен партнер во идната енергетска транзиција, а пред инвеститорите биле презентирани и клучните проекти Чебрен, Бошков Мост и Галиште.
Како конкретен резултат од Давос, Владата ја истакна и најавената инвестиција од 100 милиони евра во телекомуникациите, која, како што велат, ќе придонесе за економски раст и нови можности за граѓаните.
