Никој нема право да им ги одземе покачените пензии на пензионерите- предупредува премиерот Мицкоски. Ова е неговиот став откако во Уставниот суд почна да тече втората фаза на прибирање мислења од предлагачите на линеарното покачување по што ќе следи конечна одлука. Мицкоски вели дека нема намера да прави притисок врз судиите и врз обвинителите и дека ќе остави Уставниот суд сам да донесе одлука. Сепак, потсети дека бурни реакции и ретерирање на првичните позиции предизвикала неговата изјава во Собранието, дека на пензионерите ќе им бидат намалени примањата, ако Уставниот суд го прогласи покачувањето за неуставно. За ваквите иницијативи на Уставен, прстот го впери во „инсталациите на СДСМ“ во судството и во обвинителството.
„Овој пат тие удрија на пензионерите, па ги слушам сега како се препелкаат – тоа што си го земале пензионерите нема да го вратат, но, затоа ќе видиме како понатаму. Нели најпрвин немаше такво нешто. Јас кога го соопштив тоа на пратенички прашања тие излегоа рекоа нема такво нешто. За потоа да се препакуваат и кажат добро, еве ќе го разгледуваме сето тоа за од 1 јануари“ – рече Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
Ако Уставниот суд го укине линераното зголемување на пензиите, одлуката ќе биде „неправна и смешна“ – вели премиерот Мицкоски. Премиерот вели дека Уставниот суд има три можности: мерката да ја прогласи за неуставна, да ја укине мерката на Владата или да ја прогласи за уставна и да продолжи да важи. Според него е нелогично предвидениот пораст на пензиите во март догодина да биде неуставен, а претходно дадените 6.000 денари не.

„Првата е линеарните зголемувања да ги прогласат за неуставни, тоа значи 75 отсто од пензионерите од 1 јануари ќе имаат 3-4 илјади денари пониски пензии. Втората опција е да најдат некоја, за мене, бледа неправна логика следното зголемување да го прогласат за неуставно, а сè претходно да биде уставно, што за мене, еве јас не сум правник, но консултирав многу правници, делува смешно. И третата опција е да ги прогласат уставни“ – вели Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
Ваквите реакции ги испровоцира потегот на судијката Добрила Кацарска која на своја иницијатива побара преиспитување на уставноста на линеарното покачување во септември. Се анализира можноста дали при овој случај се дискриминирани пензионерите со повисоки примања, со подолг работен стаж кои уплаќале и поголеми придонеси. Од судот образложија дека не поведуваат постапка за претходните покачувања од 5.000 денари, бидејќи на седницата на 19 ноември била отфрлена таа иницијатива. Членовите 3 и 18 кои го регулирале тоа прашање биле од привремен карактер и повеќе не се дел од правниот промет.
Пензионерите кои се револтирани од ваквиот потег на уставен, вчера излегоа на протест пред Уставниот суд, и се заканија дека доколку им бидат укинати зголемувањата, на 10-ти декември ќе протестираат и пред канцеларијата на ЕУ во Скопје.
