Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на надзорната расправа во Собранието истакна дека Алта банка нема да банкротира како што беше случај со Еуростандард банка, која банкротира откога неколку дена претходно, како што рече, министер за финансии во владата на СДСМ и ДУИ си го подигна својот штеден влог, што е скандалозно.
Случајот со Еуростандард банка, Мицкоски го оцени како брутален начин на банкротирање една финансиска институција.
– Тоа е брутален начин на банкротирање една финансиска институција откога претходно нејзината ликвидност е исцрпена со издавање кредити што влијаат на активата на самата банка, но и на ликвидноста на банката, и компании што се поврзуваат со една политичка партија, која денеска е дел од опозицијата. Но за тоа си има судски процес, кој ќе си даде одговор на сите овие прашања и ќе видиме кои се тие компании, кои се нивните сопственици и како тие компании ја исцрпиле банката до состојба таа преку ноќ да банкротира и луѓето до ден-денес да не може да си ги добијат парите – рече Мицкоски.
Премиерот Мицкоски го отвори и прашањето дали политичката партија Левица, која имала штеден влог во Еуростандард банка, успеала да си ги подигне парите од заштедата.
– Не знам дали си ги доби една политичка партија, која исто така таму имаше штеден влог од 250 илјади евра, тоа беше политичката партија Левица, и не знам дали тие успеаја да си ги подигнат парите од заштедата што ја имаа во банката бидејќи во овие 12 години функционирање на оваа политичка партија, освен скапите одмори на Егејското Море, шопингот во бутиците, како љубат да кажат, во Tесалоники, деловните простори, кафеаните, навредите, ништо друго не видовме од оваа политичка партија. Се разбира, и штедниот влог што го гледаме во оваа пропадната банка и не знам дали тоа ќе влијае врз коалицијата СДСМ – Левица бидејќи СДСМ ја пропаѓа банката во која се заробени средства и капитал на политичката партија Левица – посочи Мицкоски, меѓу другото, во Собранието.

