Очекувам се она што го имаме постигнато во процесот на испорака во Реформската агенда, во многу скоро време да биде валоризирано и да се даде шанса конечно да можеме да го почнеме со процесот на преговори – порача премиерот Христијан Мицкоски во изјавата од Самитот на Берлинскиот процес, што денеска се одржува во Свети Стефан во Црна Гора.
– Се испратија силни пораки, од канцеларот Мерц и од канцеларот Штокер којшто ќе биде ко-претседавач на следниот самит. Беше потврдена заложбата и приоритетите дека Западен Балкан треба да биде дел од Европа и треба тоа да се случи многу бргу. Она што за нас како држава е важно е фактот дека ние веќе имаме усогласена надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, дека сме многу напред во испорака кога станува збор за Реформската агента, дека буквално се што се бара од нас, а е поврзано со принципот по испорака да се оценува напредокот, ние тоа го правиме и го испорачуваме – рече Мицкоски во изјава за Националниот сервис.
Премиерот изрази очекување дека сето ова за коешто зборува да биде во многу скоро време валоризирано и да се даде шанса конечно да можеме да го почнеме со процесот на преговори.
– Исто така истакнав дека постепеното или градуално интегрирање претставува шанса и можност за сите нас, но тоа никако не смее да биде замена за полноправно членство во рамките на Европската Унија – подвлече Мицкоски.
Тој рече дека остварил неколку билатерални средби на кои ги информирал соговорниците за состојбата кај нас.
-Но исто така она што морам да кажам а не можам да го исклучам од генералниот тек на работниот дел на самитот, е предизвикот што се случува насекаде во светот, посебно историската енергетска криза која што во многу нешта влије денес да ни се случуваат немири во неколку главни градови во Европа па и кај нас во регионот, но исто така и војната во Украина. Живееме во атмосфера на тивка трета светска војна која што ќе има големи предизвици врз човештвото. И она кое што беше кажано од страна на неколку од соговорниците кои имаат би рекол, условно кажано, можеби повеќе информации од тоа што јас имам, а тоа се високи претставници на самите Европска Унија, е дека следните две години ќе бидат исклучително исклучително предизвикувачки и тешки и треба да се води многу внимателно грижа за она што подразбира трошење, но и она што подразбира државна одговорност – рече премиерот.

Мицкоски претходно учествуваше и на работниот ручек посветен на иднината на Берлинскиот процес и улогата на младите во обликувањето на иднината на Западен Балкан.
– Денеска присуствував на работниот ручек, посветен на иднината на Берлинскиот процес и улогата на младите во обликувањето на иднината на Западен Балкан. Регионалната соработка, размената на идеи и создавањето нови можности се важни чекори кон стабилен, просперитетен регион и забрзана европска интеграција – објави премиерот Мицкоски во објава на својот Фејсбук профил.
Мицкоски ја предводи македонската делегација на Самитот што се одржува во Свети Стефан, Црна Гора, на кој се разговараше за економското поврзување на регионот, безбедноста и забрзување на интеграцијата во Европската Унија. Тој претходно изјави дека очекува силни пораки за интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, како и суштински дискусии и конкретни резултати од денешниот Самит на Берлинскиот процес во Црна Гора.

Самитот е завршен настан на претседавањето на Црна Гора, а покрај лидерите од Западен Балкан, учествува и канцеларот на Сојузна Република Германија, Фридрих Мерц, кој е силен поддржувач на напредокот и интеграцијата на регионот во Европската Унија.
Германскиот канцелар Мерц ја потврди поддршката за членство на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, но порача дека владите во регионот мора да покажат политичка волја и да ги спроведат потребните реформи.
Мерц се заложи за побрзо приближување на регионот кон Унијата и најави лична поддршка за тој процес. Истовремено, побара засилување на реформските напори на земјите што се стремат кон членство.
Берлинскиот процес е меѓувладина платформа покрената во 2014 година на иницијатива на Германија, под тогашната канцеларка Ангела Меркел, со примарна цел да се забрза евроинтеграцијата и да се продлабочи регионалната соработка на земјите од Западен Балкан.
Видеото може да го погледнете на следниот линк:

