Во Чифте амам, во Старата скопска чаршија, денеска беше отворена изложбата на ликовната колонија „Скопје на платно“, организирана од Институтот за книга и промоција, со поддршка на Општина Чаир. По пет дена уметничко творештво, на изложбата беа претставени делата на 50 уметници, кои преку различни уметнички техники и перспективи ги доловија архитектурата, калдрмата, занаетчиските дуќани и културното наследство на Скопје.
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, истакна дека поддршката на ваквите активности е дел од визијата за ревитализација на Старата скопска чаршија, со цел таа, покрај туристичката и трговската функција, да претставува и простор за развој на уметничкиот и културниот живот во текот на целата година.

-Ревитализацијата на Старата скопска чаршија е еден од нашите приоритети. Покрај реставрацијата на објектите, подобрувањето на инфраструктурата и развојот на занаетчиството, настојуваме да создадеме повеќе простор за уметноста и уметниците – истакна градоначалникот Меџити.
Изразувајќи благодарност до Институтот за книга и промоција за организацијата, како и до сите учесници на ликовната колонија за нивниот уметнички придонес во промовирањето на архитектонското и културното наследство на Чаршијата, Меџити потврди дека Општина Чаир ќе продолжи да ги поддржува ваквите иницијативи, создавајќи повеќе можности за промоција на уметноста и изложување на делата на уметниците.
