Македонската филмска индустрија како колумбиска телевизиска серија – драма и криминал наместо уметност. Режисери, сценаристи и критичари преку партиско – политички структури незаконски испумпувале народни пари преку Агенцијата за филм, а нивните меѓусебни врски и обвинувања се позаплеткани и од најкомпликуваното сценарио.
Откако режисерот Милчо Манчевски за ТВ Алфа проговори за незаконитости при распределбата на државни пари, а посочи и конкретни примери, зовреа страстите кај неговите колеги.
За обвинувањето, дека Друштвото на филмски работници на Македонија, кое е организатор на Фестивалот „Браќа Манаки“, дека не поднесува финансиски извештаи, оттаму велат дека било тажно што Манчевски се претворил во манипулатор, кој без грам срам се обидува да ја лаже македонската јавност.

- Сите потребни документи се доставени и во Агенцијата за филм и во сите надлежни институции, во кои тој самиот многукратно нѐ пријавува. Во ДФРМ изминативе години поминаа сите надлежни контролни органи и сите констатираа беспрекорност во работата на Друштвото. – Напишаа од Друштво на филмски работници на Македонија (ДФРМ)
Сепак, документите до кои дојде ТВ Алфа повикувајќи се на законот за пристап до информации од јавен карактер, покажуваат нешто сосема поинакво. Во извештаите од надзорот на Министерството за култура врз Агенцијата за филм се констатирани безброј прекрушавања на законот, оштетување на државниот буџет, судир на интереси, непотизам и ред други пропусти. Во нив, повеќепати се споменува и ДФРМ, како и фестивалот „Браќа Манаки“
- Агенцијата за филм незаконски во периодот од 2018 заклучно со 2023 година ја финансирала работата на ДФРМ, со што незаконски им доделила средства од 7.080.000,00 денари.
- Агенцијата за филм незаконски доделила средства на ДФРМ за промоција на програмата Креативна Европа Медиа за 44 издание на Фестивалот „Браќа Манаки“ во вкупен износ од 193.595,00 денари“ – Стои во дел од надзорниот извештај на Министерство за култура за работата на Агенција за Филм.
ДФРМ за минатите две години, не поднеле ниту извештаи за потрошените народни пари. Оваа постапка веројатно поминала глатко во Агенцијата, бидејќи финансиски советник на директорот бил Бранко Петревски, кој истовремено бил и претседател на надзорниот одбор во ДФРМ, за што, од Култура утврдиле судир на интереси.
Рекација пристигна и од Фестивалот Браќа Манаки, од каде велат дека не е вистина оти не поднесуваат финансиски извештаи, за тоа, како трошат државни пари.
- Оваа невистина е злонамерна и доаѓа од човек кој, и покрај политичкото менторство на доскорешната министерка за култура, има кривична пријава и е под истрага од финансиската полиција и јавното обвинителство за незаконско работење на продуцентската куќа чиј сопственик е, и тоа за повеќе проекти финансирани од Агенцијата за филм. – Напишаа од ИФФК „Браќа Манаки“.
Инспекцијата од култура пак, го кажува спротивното. Во агенцијата за филм, кои редовно без конкурс ја финансира оваа манифестација, недостасувале извештаи за две години.
- За оваа манифестација, во моментот на вршење увид, не се доставени извештаи за потрошените средства за 2022 и 2023та година. – Пишува во извештајот од Министерството за култура.
Тие покрај тоа што се под сомнеж дека незаконски земале пари, истите ги трошеле спротивно на договорот со Агенција за филм, бидејќи дел дале за 290 брендирани чадори и 290 брендирани моливи.
Извештај од Антикорупциска комисија, со кој тврди дека нема судир на интереси, до Алфа ТВ испрати и филмската критичарка Ана Василевска. Таа вели дека Манчевски се обидува да го компромитира нејзиниот деловен интегритет.
- Судир на интереси во државата може да утврди Државната комисија за спречување корупција а не Милчо Манчевски. Иако во континуитет со години ова лице односно неговата фирма ‘Банана филм’ се занимава со разноразни пријави кон мене, тие се отфрлени, за разлика од тоа што за ‘Банана филм’ истраги се водат во Управата за финансиска полиција и Основнто јавно обвинителство. – Напиша филмскиот критичар Ана Василевска.
Но, инспекторите од Култура, лани го утврдиле спротивното. Таа истовремено била ангажирана во Агенцијата за филм, но и била корисник на пари кои се доделени од истата Агенција.
- Судир на интереси е констатиран кај Ана Василевска, филмски рецензент во Агенцијата за филм… по основ на координатор на филмска програма на манифестацијата ‘Златна рамка’ (проект поддржан од Агенцијата за филм) и се исплатени средства во износ од 45.000 денари за 2022 и во иснос од 50.000 денари за 2023 година, што е спротивно на законот за филмска дејност. – Пишува во надзорниот извештај на Министерство за култура за работата на Агенција за Филм.
Обвинувањата и кавгите меѓу филмаџиите се засилија откако Министерството за култура направи ревизија на работењето на Агенцијата за филм, а ТВ Алфа започна да истражува што се се случувало со народните пари наменети за оваа дејност изминативе години. Сега, веројатно во обид да ја заташкаат својата вмешаност дел од нив креваат дополнителна прашина. Клопчето допрва почнува да се одмотува.
Никола Цветкоски
