Реклама
Македонија

Македонија се приклучува на „Плазма – спортските игри за млади“: Иднината се гради со деца на терен

Наместо бројки за иселување и демографски аларми, премиерот со порака – иднината…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Наместо бројки за иселување и демографски аларми, премиерот со порака – иднината не се спасува со декларации, туку со деца на терен.

Македонија официјално станува дел од „Плазма – Спортските игри за млади“, платформа што речиси три децении обединува милиони млади низ регионот.

Проект што досега поврза повеќе од два и пол милиони деца од Хрватска, Србија, Словенија и Босна и Херцеговина – од годинава ја отвора вратата и за македонските ученици. Финалето во август – во Сплит. Но вистинската порака, велат организаторите, е многу подлабока од самото финале.

Реклама

Платформата, која трае 27 години, не се темели само на натпреварување, туку на вредности – пријателство, почит, фер-плеј.

„За првпат сме во Македонија и веруваме дека ова ќе биде чекор напред. Сакам да ги повикам децата да учествуваат и преку спортот да запознаат многу пријатели. Најдобрите ги очекуваме на најдоброто финале во Сплит“, изјави Здравко Мариќ.

Со вклучувањето на Македонија, регионалната спортска приказна добива ново поглавје. А Владата овој чекор го позиционира како дел од поширока стратегија – вложување во младите како долгорочна политика.

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека спортот е многу повеќе од резултат – тој е карактер, дисциплина и тимска игра.

„Многу ни е важно младите од најрана возраст да ги образуваме, да ги научиме дека иднината е во нив и дека така како што тие ќе израснат таква иднина ќе имаат и ќе остават за нивните потомци.Можам да зборувам како неуспешен спортист, но спортот остана секогаш во мене. Затоа како Влада за првпат формиравме Министерство за спорт. Полека, но сигурно ги поминуваме успешно првичните предизвици и почнуваме да функционираме.Животот е тимска игра и ако сакате да бидете успешни ќе морате да се научите на овие работи. Можам да ветам дека достоинствено ќе го претставуваме овој проект во државата.“

Министерство за спорт треба институционално да ја зацврсти таа визија. Од април до јуни ќе се одржат 18 спортски денови низ државата – во мал фудбал, одбојка, одбојка на песок, ракомет, кошарка, тенис, пинг-понг, шах, атлетика и граница.

„Со оваа соработка отвораме можност над илјада деца од различни општини во Македонија да учествуваат во организирани и инклузивни спортски натпревари“, изјави министерот за спорт Борко Ристевски.

Под покровителство на Интернационалниот олимписки комитет и Европската комисија, проектот добива и јасна европска димензија. Спортот, порачуваат од Брисел, е еден од најсилните механизми за зближување на народите.

Еврокомесарот Магнус Брунер порача дека ова не е само регионален проект.

Ова е неверојатно важно не само за регионот туку и за целата Европска унија. Северна Македонија и целиот регион се навистина блиски партнери на ЕУ и сметам дека денес покажуваме дека се приближуваме уште повеќе едни до други.Соработуваме на различни теми, но спортот е една од можностите кои дефинитивно нè зближува“, изјави Еврокомесарот Магнус Брунер.

Договорот го потпишаа Елена Мицковска, претседателка на Федерацијата на училишни спортови, и Здравко Мариќ од „Плазма – Спортските игри за млади“.

Околу 200 илјади деца на регионално ниво, над илјада од македонските општини – ќе имаат можност да се натпреваруваат во безбедна и охрабрувачка средина.Најдобрите ќе патуваат во Сплит.