Двете партиите што со години беа, а и сеуште се симбол на корупциски скандали, преку ноќ сами себе се амнестираа. Иако се уште не расчистиле со луѓето кои барем во јавноста важат за коруптивно, сега отвораат платформи за борба против корупцијата.
МИЦКО и СПАК се платформите кои ги лансираа СДСМ и ДУИ за да „ловат“ корупција. Она што е симптоматично е што токму за овие партии со години постои сериозна црна дамка и сомнеж дека нивни функционери се поврзуваат со крупни криминални афери.
Според поранешниот антикорупционер Воислав Зафировски, ваквиот чекор е смешен и апсурден. Тој вели – Македонија конечно влегува во фаза на поинтензивна институционална борба против криминалот, а од Бихаќка и Мала Речица дури сега се сетиле да бркаат корупција, без притоа да ги исчистат сопствените дворови.

„Апсурдно е, СДС и ДУИ да бараат и да бркаат корупција, кога самите зад себе влечат огромен баласт на криминални коруптивни случаи. И еве само за потсетување, пасошите — прво што паѓаат на памет се пасошите издадени на белосветските криминалци. Тука е оној период во ковид кризата со респираторите, за кои Министерството за здравство, заедно со тогашниот министар за здравство, требаше да платат неколку пати повисока цена од пазарната цена на тие исти аспиратори кои беа барани дури и во Бразил. Тука е, се разбира, случајот со директорот на Електростопанство на Македонија, Ковачевски. Тука се фотоволтаиците на еден од претходните премиери, Ковачевски, чија сопруга со лични пари ги доби дозволите и почна да гради фотоволтаици.“
Зафировски потсетува и на аферите поврзани со партијата на Ахмети, кои, како што вели, сè уште се без финална разрешница, но и на бегството на поранешниот прв вицепремиер и десна рака на Ахмети – Артан Груби.
„Треба ли да ги спомнеме случаите со Дрин Ахмети и трговскиот центар Соравија? Треба ли да зборуваме за Артан Груби, малверзациите со Бехтел Енка, нетранспарентното потпишување на договорот со Бехтел Енка, натаму со малверзациите во Лотарија на Македонија, со Прпарими.“
Според дел од експертската јавност, ваквите платформи се лицемерни, а партиите најпрво треба да се соочат со сомнежите во сопствените редови, па потоа да отвораат фронтови против корупцијата.
Зафировски додава – срамота е, како што вели, некој кого јавноста го препознава низ корупциски афери, да се претставува како предводник во борбата против криминалот.
Инаку, во декември минатата година СДСМ ја промовираше платформата МИЦКО – Македонски истражувачки центар за корупција и организиран криминал, додека ДУИ сега најавува сопствен партиски СПАК, по примерот на соседна Албанија.
