Кривични пријави за Димитар Ковачевски, Артан Груби, како и уште шест други, за сомнежи за сериозен криминал во Државната лотарија на Македонија.
Министерот за внатрешни работи не соопшти имиња, но потенцираше дека се опфатени еден поранешен премиер, еден поранешен вицепремиер, еден поранешен генерален сектретар на Владата и други екс функционери. Сите се сомничат за злоупотреби при набавките на коцкарски апарати во вкупна вредност од над 10 милиони евра.
“Кривична пријава против 8 физички лица од кои едниот е поранешен премиер, едниот е поранешен вицепремиер, едниот е поранешен директор на едно правно лице и едниот е поранешен генерален секретар, останатите се да речеме еве државни службеници коишто работат во рамки на едно од правните лица“, изјави Тошковски.

Полицијата веќе направи претрес на повеќе локации, меѓу кои и во домот на Артан Груби и на екс директорот на Лотарија Перпарим Бајрами. Двајцата се недостапни за органите на прогонот. Ќе се проверува како и каде заминале.
Груби самиот уште вчера кажа дека е на Косово, а МВР спроведува истрага како граничните службеници го пропуштиле.
При претресите кај еден од осомничените се пронајдени парични средства во износ од 40 илјади евра, кај друг од осомничените во износ од 20 илјади евра.
Засега нема информации дали се проверува или ќе се проверува и домот на екс премиерот Димитар Ковачевски.
И обвинителството отвори истрага против поранешниот вицепремиер Артан Груби и против поранешниот директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами за проневери во службата.
“Од прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа ‘Државна лотарија’ на РМ, во текот на 2023 година, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од речиси 8,2 милони евра од буџетот на акционерското друштво“, се вели во соопштението.
Ковачевски, Груби, Бајрами и останатите осомничени за криминалите во Државната лотарија ќе одговараат за малверазациите со тендерите за набавка на нови коцкарски апарати. Едниот договор од нив беше тежок 18,8 милиони евра кој го доби странскиот ортак на македонска лотарија. ХТЛ Македонија, фирма која е во сопственост на австриската Новоматик.Имаше и друг тендер за набавка на терминали каде Новата Државна Видео Лотарија – НОВО ВЛТ зема 3,7 милиони евра. Груби минатиот понеделник се разбуди на црната листа на САД за случај со значителна корупција и директна вмешаност во судски скандал со мито и корупција. Со Груби поврзани се голем број на финансиски скандали, меѓу нив е и купопродажбата на деловен простор во центарот на Скопје на неговиот брат за 4 до 5 пати пониска цена од пазарната, што го објави опозициската ВМРО-ДПМНЕ, доделувањето на лиценца за баждарење бензински пумпи на фирма исто така во сопственост на неговиот брат, отпишувањето јачмен од државните резерви, но и трошењето стотици илјади евра на хонорари во неговото Министерство.
