Жените не треба да се приспособуваат на ограничувањата што ги поставува општеството, туку да добијат можност да го реализираат својот потенцијал во бизнисот, институциите, науката, семејството и јавниот живот, порачаа учесничките на отворањето на 5. Глобална женска лидерска конференција „Јас сум жена“ што денеска се одржува во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.
Од поддршката за женското претприемништво и лидерство до предизвиците поврзани со репродуктивното здравје и родителството, говорничките повикаа на поголема солидарност, вмрежување и заедничко дејствување за создавање општество во кое успехот, знаењето и амбицијата нема да бидат ограничени од полот.
Претседателката на Здружението „Јас сум жена“, Ана Дуковска, организатори на настанот, потенцираше дека една од главните цели на организацијата е да им овозможи на жените од сите делови на државата да се поврзат, да учат и да напредуваат.

– Нашата мисија е секоја жена, без разлика во кој дел од Македонија живее, да има можност да се поврзе, да го прошири својот круг на пријателства и професионални контакти, да стекнува нови знаења и вештини, да се грижи за своето здравје, да гради финансиска независност, да ги претвора своите идеи во успешни бизниси и да ги освојува не само домашните, туку и регионалните пазари – рече Дуковска.
Осврнувајќи се на активностите за развој на локални мрежи за женско претприемништво, таа најави нивно проширување и во други општини, при што соопшти дека во организацијата се придружуваати жените од Гевгелија, Струмица, Свети Николе, Неготино и Кавадарци.
– Во секој град, во секој регион, во секоја средина има жени со идеи, знаење, амбиција и капацитет, на кои понекогаш им недостига само вистинска поддршка, поврзување и можност да бидат препознаени. Затоа силно веруваме дека здружувањето на локално, а потоа и на национално ниво, е еден од клучните предуслови за успехот и одржливиот развој на женското претприемништво – истакна таа.
Елена Марковска од Здружението „Јас сум жена“ нагласи дека конференцијата е посветена на приказните на жените кои успеале да ги надминат предизвиците и да ги урнат стереотипите дека постојат „машки“ и „женски“ професии.
– Веруваме дека можностите треба да бидат еднакви, дека способноста нема пол и дека ниту една жена не треба да се откаже од своите соништа затоа што некој друг одлучил што е или што не е за неа. Женската сила не е само во успесите што ги гледаме. Таа се крие во непроспиените ноќи, во тешките одлуки, во храброста да се започне одново и во моментите кога сме морале да бидеме силни, дури и кога било најтешко – рече Марковска.

Таа истакна дека преку различните панел-дискусии ќе бидат претставени примери на жени кои ги поместуваат границите во професионалниот и јавниот живот.
– Ќе зборуваме за Македонките во нетипични професии, кои ги поместуваат границите и докажуваат дека ниту една професија нема пол. За Македонките во бизнисот, кои создаваат, водат, преземаат одговорност и отвораат нови можности. Ќе зборуваме и за Македонките во светот, кои со своето знаење и успех покажуваат дека нашите амбиции немаат географски граници – истакна Марковска.
Деспина Петровска од Здружението „До бебе по патот на ин витро“ на отворањето порача дека прашањата поврзани со плодноста и репродуктивното здравје не смеат да останат на маргините на јавните политики.
– Плодноста и репродуктивното здравје не се само лична можност или предизвик на поединецот и семејството. Тие се прашања на јавното здравје, човековите права, еднаквите можности, општествената одговорност и нешто што директно влијае врз квалитетот на животот и иднината на едно општество – рече Петровска.

Дополни дека, како што рече „нашата визија е општество во кое неплодноста нема да биде причина за стигма, срам или дискриминација, туку ќе биде препознаена како здравствено и социјално прашање што заслужува внимание, разбирање и системска поддршка.
– Овој саем го гледаме како многу повеќе од изложбен простор. Го гледаме како можност за поврзување на граѓаните, здравствените работници, институциите, стручната јавност и организациите кои работат во областа на репродуктивното здравје. Како место каде што прашањата ќе добијат одговори, знаењето ќе стане подостапно, а различните искуства ќе бидат слушнати и почитувани – истакна Петровска.
На конференцијата ќе се одржат пет панел-дискусии посветени на Македонките во нетипични професии, успешните жени во бизнисот, Македонките кои живеат и работат во странство, меѓународната соработка меѓу женските организации и иницијативата „Мајките за Македонија“. На панелите ќе учествуваат претставнички од бизнис секторот, јавните институции, локалната самоуправа и женски организации од Македонија, Србија, Израел, Азербејџан и Грузија, кои ќе ги споделат своите искуства, предизвици и примери на успешни практики.

