Реклама
Прилози

Конечно интерес за нив: Македонците од соседните држави задоволни од грижата на властите во Македонија

Македонските малцинства во соседните држави, по долги години конечно во видикот на…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Македонските малцинства во соседните држави, по долги години конечно во видикот на една македонска Влада. Нашинците од другите страни на границиите велат дека властите покажуваат грижа и интерес за нив, нешто што воопшто не било случај додека на чело на државата беа СДСМ и ДУИ. Ако претходно за нив властите не сакаа ниту да говорат, сега тие се дел од националната стратегија на Владата.

Гордан Јорданов од Обединетата македонска дијаспора, за Алфа вели дека конечно се гледа дека државата не е слепа и глува пред проблемите со кои се справуваат нашите кои живеат во други држави.

-Можеме да забележиме дека оваа Влада ја стави таа тематика да кажам ја вметна во националната стратегија за дијаспора, нешто што ние како организација не го гледаме како иста тематика со дијаспора, мислиме дека треба да бидат посебни, но сепак се гледа дека некој се грижи, има интерес околу малцинските права, вели за Алфа Гордан Јорданов, директор на ОМД за Македонија и Европа.

Реклама

Посебно проблематична е состојбата на Македонците во Бугарија, кои не се ниту признаени и не им се почитуваат никакви идентитетски права. Официјална Софија не спроведува ниту една од пресудите на Судот во Стразбур кои се донесени во корист на Македонците. Премиерот Христијан Мицкоски во неколку наврати ја повика Бугарија да го почитува она што го донел највисокиот суд за заштита на човекови права. Нашинците од другата страна на источната граница се задоволни што конечно има интерес за решавање на проблемите со кои се соочуваат со години и години.

-Сите власти во Бугарија од времето на Тодор Живков до сега пројавувале интерес за македонското малцинство за истото на исчезне. Сегашната македонска Влада покажува можеби највисоко ниво на интерес од сите Влади после осамостојувањето на Македонија. Ние сме многу благодарни за тоа и мислам духот на нашите луѓе е многу подигнат овде и се надеваме дека тоа ќе оди уште подалеку и подалеку, вели за Алфа професор доктор Стојко Стојков, заштитник на правата на македонското малцинство во Бугарија.

Минатата владина гарнитура никаков интерес ниту грижа не покажуваше и за малцинството во Албанија, кој пред две години кога се одржуваше попис беа цел на агресивна кампања за бугарска асимилација. Ситуацијата сега е многу подобрена велат нашинците од таму. 

-Зајакнување и промовирање на македонскиот идентитет, на Македонците кои што живеат во Албанија. Апсолутно за ова да биде можно потребна е голема поддршка и ние сме среќни што ја имаме поддршката на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, тој го покажа тоа се дела. Јас како Македонка претходно не знаев дали егзистира некоја можност за да имаме поддршка од Македонија, па сега имаме и поддршка и надеж, имаме и можности за нашите Македонци тука во Албанија, вели за Алфа Елена Симоновски, Македонка од Албанија.

Долги години посебно проблематични беа состојбите за нашите во Егејот. Со потпишувањето на Преспанскиот договор Македонија не само што го промени името туку и официјално се откажа од нив. Сепак, сега велат дека оваа власт барем покажува некаков интерес за проблемите со кои се соочуваат тие.

-Има луѓе во круговите на македонската Влада, министри, државни функционери, кои се со потекло од Егејска Македонија, ги знаеме, не знаат, доаѓаат кај нас, има постојано некаков контакт. Ама во секој случај не би можел некој да каже дека постои соработка или имаме нешто моментално заедничко го правиме. Знам дека ги следат работите, малку повеќе од претходната Влада, ама ако смеам да кажам, вели за Алфа Јоргос Пападакис, Македонец од егејскиот дел во Грција.

Сите се согласни во едно – состојбите се подобруваат, но Македонците од соседните држави се уште се справуваат со низа проблеми, на кои мора да продолжи да се работи и во наредниот период.

-Малцинствата за жал во соседните држави се соочуваат со големи предизвици, тоа го гледаме и со последните дејствија. Тие се уште за жал, иако да кажеме со сите признавања на нивното постоење се уште имаат егзистенцијални причини за препознавање, не смеат да пејат, не смеат да говорат итн. Но, сепак мислам дека со сите овие проблематики, ние ќе се фокусираме на солуциите, изјави Јорданов.

Доказ за негрижата на претходната Влада за македонските малцинства, особено во Бугарија е што ниту еднаш не беше побарано да биде спроведена барем една пресуда од судот за човекови права во Стразбур. Покрај тоа, ниту еден владин претставник не присуствуваше на отворањето на македонскиот културен клуб во Благоевград „Никола Вапцаров“, ниту пак имаше реакција кога истиот со судска одлука беше затворен.

Матеја Петровски