Осум медицински досиеа се доставени од Јавна здравствена установа, до новоформираната Интерна комисија по информациите кои ја вознемирија јавноста за можни неправилности поврзани со дел од кардиохрируршките интервенции кои се изведувале во Македонија. Побаран е и стручен надзор за случаите од Лекарската комора. Министерот за здравство Азир Алиу посочи дека граѓаните треба да бидат сигурни кога бараат медицинска услуга дека ќе ја добијат врз основа на медицински докази, а не врз основа на коруптивни мотиви.
“Како Министерство за здравство, веднаш постапивме и ја формиравме Интерната комисија составена од медицински експерти, правници и економисти. Нејзината задача е да ги утврди фактите и да постапува врз основа на медицински докази, според највисоки меѓународни стандарди и прецизни методолошки правила. До Интерната комисија се доставени медицински досиеја за осум случаи. Комисијата ќе ги обработи сите детално, со цел да се утврди вистината врз основа медицински на факти,” – изјави министерот.
Комисијата ќе се состане утре и овие досиеја ќе бидат првите случаи по кои ќе постапува. Министерот нагласи дека никој нема да биде заштитен ниту во јавното ниту во приватното здравство, а ќе се постапува исклучиво само со јасни докази.

“Процесот што започна е терапија на здравствениот систем за да се врати довербата во него. Терапија што започнува со кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции, но нема да застане тука ќе се прошири кон сите сегменти на здравството, затоа што секоја област мора да биде заснована врз стручност, медицински докази и почит кон пациентите. Знаеме дека довербата не се враќа преку ноќ чекор по чекор, докажуваме дека здравството е на страната на граѓаните и дека нема враќање назад,”- истакна министерот.
Инаку кардиохирургот Сашко Кедев изјави дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и стентирања и операции. По неговата изјава, директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски упати апел до можните оштетени граѓани во кардиохирургијата и до сите други пациенти, да поднесат жалби.
