Кочани, Кран Монтана, Букурешт – три града во кои се случи пожар во ноќен клуб, три трагедии кои зедеа 167 човечки животи. Иако се случија во различни држави и период, имаат многу големи сличности. Не е само огнот, туку начинот на кој тој бил „пуштен“ да се развие – низ низа пропусти, институционална негрижа и игнорирање на очигледни ризици. Делегацијата на ЕУ во Скопје организираше јавна дебата за споделување искуства, поуки и механизми за заздравување по трагични пожари.
Државниот секретар за цивилна заштита на полицијата во Романија, вели дека научиле многу и го подобриле тамошниот систем. Формиран е Центар за одговор во итни ситуации. Тој ги спореди пожарите во Кочани и Букурешт – предизвикани од употреба на пиротехнички средства во затворен простор, при што дополнителен фатален фактор била употребата на лесно запалива полиуретанска акустична пена. Оваа комбинација, како што нагласи, се покажала смртоносна во двата случаи но и во други земји.
- „Законите ги имаат, но одредени луѓе се охрабруваат да не ги почитуваат и со тоа ги изложуваат животите на ризик. Ги затвораат излезите за итен случај, ги блокираат и прават многу други работи што може да послужат како превенција. Е, сега, што се случи во Букурешт последниот ден од октомври 2015 година. Пиротехнички средства што не смее да се користат на затворен простор. Кај нас е забрането тоа да се користи во Романија. Клубот беше покриен со акустична пена, звучна пена, која е лесно запалива. А излезот за итни случаи беше затворен“ рече Раед Арафат – Државен секретар за цивилна заштита при МВР на Романија
Поддршката на пациентите трае со години. Раните на повредените заздравуваат, но психолошката траума останува со години. Психологот Габриел Ѓакон од Романија вели дека имаат предлози да се направи тип на тн. јадрена група за психијатриска помош која ќе постапува во вонредни ситуации.

- „Никогаш, ништо не е совршено во ваква ситуација. Имавме група на психолози, социјални работници. Во првата година смисливме нешто со приоритетни акти. За изгорениците продолживме со финансиските средства во следните 8-10 години за сите преживеани. Ова може да се смета за голенма љубезност или колективна вина или вина на владата… потребите и понатаму беа многу големи. Имавме серија на интервенции….“ раскажа Габриел Ѓакон – Психијатар – Координатор за поддршка во Романија.
Сличностите помеѓу пожарите ви ја смрзнуваат крвта, вели швајцарскиот амбасадор во Македонија.
- „Не постојат „безбедни“ и „небезбедни“ места – вакви трагедии можат да се случат секогаш и секаде. Втората порака се однесува на одговорноста, не само на оние што управуваат со објектите, туку и на институциите што дозволуваат нивно функционирање без целосно исполнети безбедносни стандарди. Третата порака е солидарноста – како заедничка нишка што се појавува во сите вакви трагедии, кога државите што веќе го поминале најлошото стануваат поддршка за оние што допрва се соочуваат со кризата“ рече Кристоф Зомер – Амбасадор на Швајцарија во Македонија.
На јавната дебата се обратија и амбасадорот на Европската Унија и амбасадорката на Романија кои ја нагласија важноста на солидарноста меѓу државите, но и потребата од јасни, однапред воспоставени механизми за реакција во услови на криза. Посебен фокус беше ставен на институционалната подготвеност, транспарентната комуникација со јавноста и координацијата меѓу различни служби во првите критични часови по несреќата.
