Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево поддржа културно-образовен проект за промоција на македонскиот јазик, културата и детското книжевно творештво во Луксембург.
Иницијативата ја реализирала нивната сограѓанка Љупка Ангеловска-Витановска, која работи како воспитувачка во Луксембург. Проектот бил наменет за деца на возраст од две до четири години од воспитната група во градинката „KidsCare – Bonnevoie“.
Идејата била споделена пред околу еден месец, за време на посетата на Ангеловска-Витановска на библиотеката во родното Делчево. По тој повод, библиотеката ѝ подарила повеќе детски книги, меѓу кои и дела од автори од Делчево и околината.

– Благодарение на прекрасниот гест и подарените книги од библиотеката, македонските приказни и песни тргнаа на едно посебно патување – од Делчево до Луксембург. Како воспитувачка, сакав преку овој мал, но значаен проект да им го приближам на децата македонскиот јазик, нашата култура и богатото книжевно творештво. Преку книгите, илустрациите, новите зборови и песничките, децата имаа можност да запознаат нов јазик, но и да ја почувствуваат убавината на различностите и мултијазичноста уште од најрана возраст, истакнува Ангеловска-Витановска.
Таа додава дека книгите подарени од нејзиниот роден град станале мост меѓу два града, две култури и два јазика, но пред сè – мост меѓу децата.
Од Јавна локална библиотека „Илинден“ – Делчево изразија задоволство од успешната реализација на иницијативата и ветија дека и во следна прилика ќе донираат други наслови, нагласувајќи дека секогаш ќе бидат тука да ги поддржат ваквите активности што го негуваат и промовираат македонскиот збор ширум светот.

