Реклама
Македонија

Ќе се реши ли проблемот во струшките градинки? – Родителите во неизвесност

Почетокот на уште една работна недела,за стотици родители од Струга носи неизвесност…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Почетокот на уште една работна недела,за стотици родители од Струга носи неизвесност дали нивните дечиња по две недели конечно ќе бидат згрижени во градинките. Преку вибер биле известени од понеделник да ги носат дечињата во градинка, без детали како ќе биде организиран нивниот престој. Градинките немаат потецијал да ги згрижат сите,поради недостиг на стручен кадар, од почетокот на септември не работат јаслите, а повозрасните групи функционираат само до 12 часот. Проблем е нерешениот статус на негувателките 21-на на број,кои наместо решение за работа и пристојна плата, работат со договор на дело,некои од нив дури цели 18 години, за мизерна плата од 10.000 денари.

“Тие направија поголема работа од сите функционери во оваа држава. Доаѓаа за некоја плата што реално економски не е оправдана. Мислам дека тие тоа го правеа од љубов, тие се наши херои и заслужуваат да се реши нивниот статус. Ако грижата за најмалите е нешто најважно на овој свет, значи ние како општество пропаднавме, воопшто и како општина и како држава” – вели Јованчо Мацевски,родител

 Искрено не се надевам дека ќе биде решен проблемот и претходно имаше разни ветувања а повторно се случува истата ситуација.Нова година стари проблеми”-вели  Слободанка Јаулеска,родител

Реклама

Притисокот е огромен, родителите нема каде да ги остават своите деца, па се принудени соси деца да одат на работа. Неможејќи да го издржат притисокот тие во средата протестираа пред општинската зграда.

 “Апелираме институциите што побрзо да го решат проблемот за да не се превземат дополнителни мерки”- вели Лилјана Тасеска,родител.

 “Бараа да се покачи цената за во градинка од 1500 на 2000 така одучи општината, никој не кажа ништо плаќаме 2000 не е битна цената барем да ни ги вардат дечињата”- вели Беса Шеи,родител.

Рамиз Мерко кој цела година се крие,за проблемот не чувствува одговорност.

 “За негователките нека се грижи Министерството за труд и социјална политика. Градинките се под министерството, па добро е да ги прашате и нив“-вели Рамиз Мерко,градоначалник на Струга 

Инаку градинките се под капа на општините кои пак ангажираат негуватели на определено време преку Агенција за привремени вработувања, а ги плаќаат колку им е кеиф.Се обидовме да стапиме во контакт со новата директорка Десанка Бошњакоска но таа не одговори на повиците и пораките.Наводно негувателките биле повикани да се вратат на работа со ветување дека од почеток на месец октомври до крајот на годинава ќе добиваат минимална плата и осигурување, а од следната година ќе се бара согласност за нивно вработување од министерството за социјална политика.

Новинар Росица Голабоска