Реклама
Македонија

Капушевски, Сулкоски, Јахоски и Ковачевски „куртулија“ за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“

160 милиони евра сомнеж за криминал – но никој нема да оди…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

160 милиони евра сомнеж за криминал – но никој нема да оди на суд и да одговара. Контроверзните бизнисмени и поранешни функционери Ратко Капушевски, Ерџан Сулкоски, Васко Ковачевски и Асмир Јахоски се спасија од прогон за спорните тендери и набавки на мазут за ТЕЦ Неготино.

Обвинителството ја запре истрагата против 13 лица и една фирма, бидејќи немало докази за перење пари и злоупотреби. Велат дека по бројни анализи на договори, финансии и сведоштва, обвинителите утврдиле дека набавките биле законски, бидејќи се правеле за време на енергетската криза.

Од Обвинителството објаснуваат дека ЕСМ ги повикал сите фирми со лиценца за трговија со мазут да се вклучат во набавките за ТЕЦ „Неготино“. Дел од компаниите, според сведочењата, сами се повлекле поради огромните количини, скапите банкарски гаранции и ризикот во време на енергетската криза.

Реклама

Според обвинителите, во случајот немало местење, туку итна битка за набавка на мазут.

„Од доказите произлегува дека мазутот бил навремено и континуирано испорачуван, без да се доведе во прашање производството на електрична енергија. Во овој период немало рестрикции во снабдувањето со струја, а ТЕЦ Неготино придонел за пониски цени од пазарните“, посочуваат од Обвинителството.

Истрагата за сомнителната набавка на мазут во ТЕЦ Неготино траеше една година. Во фокусот на случајот беше фирмата РКМ, која го добила тендерот, и нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски.

Меѓу осомничените беше и сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски.

Акцијата за набавката на мазут беше спроведена на 10 март минатата година, по што на Капушевски и Јахоски им беше одреден притвор. За Јахоски, судот најпрво одлучи да биде во куќен притвор, но неколку дена подоцна мерката беше заменета со ефективен притвор.

Во мај, Апелација му го укина притворот на сопственикот на „Пуцко Петрол“ и му одреди мерки на претпазливост, откако беше прифатена гаранција од околу два милиони евра во готовина и недвижен имот.

Иако поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство, „куртули“ во овој случај, тој останува осомничен во друг предмет – „Адитив“, во кој според сомнежите се проневерени 6,5 милиони евра за злоупотреби со набавка на адитив за термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј.