Реклама
Македонија

Како македонските универзитети да ја задржат студентската елита?

Сонот на македонските студенти за студирање во странство, особено во Словенија, може…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Сонот на македонските студенти за студирање во странство, особено во Словенија, може да се замени со изборот на некој од нашите универзитети. Македонските факултети имаат и капацитет, а и услови за да бидат атрактивни за домашните студенти. Меѓутоа, потребно е првенствено и наставниот кадар преку современи методи да им го пренесува знаењето на студентите, а државата да си ја одигра својата важна улога со тоа што ќе им овозможи на младите да имаат поквалитетен живот.

„Треба да сфатиме дека нам ни требаат елитни студенти, нам ни требаат професори кои ќе бидат посветени на тие студенти, бидејќи само така можеме да ги вратиме. Поразително е што сè повеќе млади студенти, елитата на младите, студира во странство. Не затоа што таму имаат подобри услови, туку затоа што таму имаат подобри можности да добијат знаење и да продолжат со својата работа“, вели проф. д-р Саша Дуковски.

Според професорите, како главен иден предизвик на академската фела во земјава, но и на државата, е пронаоѓањето на соодветни механизми за мотивирање на студентите да студираат дома, а оние кои веќе студираат надвор – да се вратат назад.

Реклама

„Честопати младите, јас морам да зборувам од аспект на мојата струка од Факултетот за информатички и комуникациски технологии, струка во која имаат високи примања, квалитетно образование, бидејќи лесно наоѓаат работа, сепак некои заминуваат. Веројатно не се задоволни од животот во градот, во општеството. Значи, мора да се работи на двете, едно ние да се вложуваме, да даваме поквалитетно образование, а локалните и централните власти да работат повеќе на обезбедување пред сè на здрава животна средина, дигитализација, борба со аномалиите во општеството, инаку друг механизам – нема“, изјави проф. д-р Игор Неделковски, ректор на УКЛО, Битола.

Инаку, УКЛО Битола, како државен универзитет, располага со релативно доволен број на наставно-научен и стручен кадар кој може да овозможи сериозна продукција на идни квалитетни академски граѓани, а и кој во последните две-три години е и соодветно платен.