Конечно некој со достоинство и дигнитет ја презентира Македонија во странство, поради тоа јасно е дека опозицијата е вознемирена. Работната посета на владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски во САД, каде беше на инаугурацијата на Доналд Трамп, беше причина СДСМ да реагира дека власта била таму само за да се слика. Портпаролката на Владата Марија Митева, вели дека тоа е очекувано од страна на социјалдемократите, бидејќи не им се допаѓа фактот дека конечно некој ја менува дипломатската плоча на Македонија.
-Опозицијата видно е вознемирана од тоа што после долго време некој навистина сериозно и достоинствено ја презентира Македонија во светот. И ценам дека сите тие средби кои што беа остварени од страна на премиерот Мицкоски и кои што се однесуваат прво на презентација на сопствената држава со достоинство, со дигнитет. А второ и кон проширување на можни економски соработки во иднина ќе бидат навистина плодни за сите граѓани, изјави Митева.
Опозициската СДСМ преку соопштение велат дека работната посета на владината делегација не бил никаков дипломатски успех. Повикувајќи се на бугарски медиуми велат дека премиерот воопшто не бил ниту поканет да оди во Вашингтон, иако премирот Мицкоски беше единствен лидер од Балканот кој беше во главниот град на Америка за инаугурацијата на новиот претседател.

-Ова патување не донесе ниту еден конкретен бенефит за државата, а јавноста со право прашува: колку чини овој спектакл и што добија граѓаните за возврат? Истовремено, бугарските медиуми открија дека зад целата организација стои ПР агенција која овозможува странски политичари да присуствуваат на вакви настани за „да си направат слики“. Тоа значи дека ова не е ниту дипломатски успех, ниту признание, туку обична промоција на Мицкоски платена со пари од народот, велат од СДСМ.
За разлика од нападите на опозицијата, според познавачите секое вакво пробивање меѓу највлијателните луѓе во една од најмоќните држави во светот е успех за цела држава, за сите Македонци, а не само за Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Секоја поддршка од најмоќните за македонските ставови и борба, наспроти антимакедонските е добредојдена, посакувана и неопходна.
Матеја Петровски
