Македонскиот јазик е веќе вграден во светската културна ризница преку духовното наследство, а наша обврска е да го зачуваме и да обезбедиме неговата достојна афирмација во светот, порача денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска на свеченото отворање на 59. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид.
Јаневска истакна дека образованието и науката се темели за иднината на секој јазик и култура, нагласувајќи дека институционалната грижа за македонскиот јазик се зајакнува преку образовниот систем, научно-истражувачката работа и поддршката на македонистиката.
„Образованието и науката се цврстите темели врз кои се гради иднината на секој јазик и култура. Во таа насока, расте и институционалната грижа за македонскиот јазик, делуваме кон јакнење на темелите“, рече Јаневска.

Таа посочи дека учениците од прво до петто одделение изучуваат македонски јазик 180 наставни часа годишно, додека од шесто до деветто одделение и во средното гимназиско образование македонскиот јазик се изучува четири дена неделно. Министерството, додаде, обезбедува современи учебници и го поттикнува творештвото на македонски јазик.
Јаневска информираше дека Министерството поддржува научно-истражувачки проекти поврзани со македонскиот јазик преку научните институти, како и дека се издвојуваат повеќе средства за таа намена.
„Го поттикнуваме интересот за изучување на македонскиот јазик и книжевност на академско ниво и доделуваме стипендии за поттикнување на упис на прв, втор и трет циклус на студиските програми по македонски јазик“, нагласи министерката.
Посочи и дека се зголемува бројот на странски универзитети на кои се изучуваат македонскиот јазик и култура. Во април годинава, како што рече, бил обновен најстариот лекторат во италијанскиот град Неапол, а претходно биле ангажирани лектори во Хрватска, Кина, Романија, Полска, Албанија и Словачка.
„Македонскиот јазик, преку духовното наследство, е веќе вграден во светската културна ризница. Тоа не може да се избрише, но може да се збогати“, порача Јаневска.
Таа нагласи дека учесниците на Семинарот, кои доаѓаат од различни земји, имаат заедничка цел – да ги продлабочат знаењата од областа на македонистиката и да го запознаат македонскиот јазик преку неговата историја, култура и научните истражувања.
Според Јаневска, живата комуникација на македонски јазик создава нови пријателства и ја зајакнува заедницата на негови почитувачи и изучувачи надвор од границите на земјата.
„Македонскиот јазик ќе остане жив преку луѓето кои го говорат, преку институциите каде се истражува, преку културните дела што патуваат надвор од границите и преку овој семинар кој ја зајакнува неговата меѓународна видливост“, додаде Јаневска.

