Пожарите изминатиов период покажаа дека состојбата во Македонија е мизерна за држава која сака да биде дел од Европската Унија. Кај нас не постои систем кој што соодветно може да се справи со кризен менаџмент, поради што е потребна итна реорганизација на целокупниот систем за справување со секоја можна криза која што би настанала. Управувачкиот комитет за управување со кризи препорача до Владата итна реформа во овој сегмент, со цел повеќе да не ги гледаме сликите кои ги гледавме минативе 10-тина дена со големите пожари. Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, најголем проблем е што минативе години воопшто и немало никаков систем, па поради тоа се доведовме во ваква состојба.
-Факт е дека и ЦУК и сите останати институции делуваат во рамки на оние капацитети кои што сме ги наследиле, но факт е дека тоа е несоодветно и особено ненавремено согласно потребите. Ресурсите се тие, луѓето се тие, можностите се тие, но факт е дека наследивме систем кој е руиниран и кој што ако сакаме да биде онака како што треба да биде, мораме суштински да го реформираме за да догодина не не снајде истото кое што не снајде оваа година и не снаоѓаше наназад многу години, изјави Тошковски.
Една од опциите во оваа реформа е спојување на Центарот за управува со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување и формирање специјално тело кое би имало и материјални и кадровски капацитети да се справува со вакви кризи во иднина. Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, вели добро е што конечно една Влада решила да се зафати со овој проблем. Вели претходната исто најавувала реформи во овој сегмент, но се останало само на зборови.

-Уште во предизборието имаме разговарано на оваа тема, во времето на кампањата и она што можам сега да го видам од страна на министрите кои што се членови на Управувачкиот комитет е дека кај нив постои цврста и јасна волја, дека час поскоро системот за управување со кризи треба да биде трансформиран во еден значително пофункционален систем. Бидејќи на тој начин со истите ресурси кои што ги имаме сега, системот ќе може да гаси повеќе пожари, тоа да го прави поефикасно и побрзо, изјави Ангелов.
Покрај целосната реформа на системот за справување со кризи, Управувачкиот комитет донесе и препорака за итна помош на Националните шуми. Таму вработените немаат земено плата три месеци, а немаат ниту гориво за нивните возила. Поради тоа препорачано е државата итно да и помогне на оваа институција, со обезбедување 15 тони гориво од државните резерви.
За најголемиот број од пожарите постои сомнеж дека подментати. Првиот полицаец соопшти дека две лица се осомничени за подметнување на два пожара, додавајќи дека се преземени чекори за откривање на вистината и за понатамошно процесуирање на случаите до надлежните органи. Тошковски соопшти и дека оформена е оперативна акција „Пожар 2024“, во која се вклучени сите Сектори за внатрешни работи во Македонија, со цел расветлување на причините за сите пожари.
Матеја Петровски
