Истражувањето на ТВ Алфа кое откри сериозни сомнежи за организиран криминал и корупција и можно постоење на македонска филмска мафија, доби уште една потврда. По Министерството за култура и Транспаренси интернешнал нотира низа незаконски постапувања во Агенцијата за филм и Друштвото на филмски работници.
Во последниот извештај на оваа организација, дел од проектот „Бистро-матно“, меѓу другото, се нотираат незаконско разрешување директори, 80 предмети против функцинери кои се чувале по фиоки дур не застарат, злоупотреба на службена положба, како и ред други, за кои јаготка на шлагот е делењето народни пари во Агенцијата за филм, односно „најматен настан за месец јуни“.
- „Бројни се кршењата на законските одредби, непочитувањата на процедурите, на кодексите и етичките норми, неселективност во работата, тесна спрега меѓу Управниот одбор на Агенцијата за филм со одговорните лица во Друштвото на филмски работници на Македонија, седум години едни исти лица кои се во деловни врски со ДФРМ одлучуваа за парите на Агенцијата за филм.“ – Пишува во извештајот на Транспаренси интернешнл.
Инспекциски надзор од министерството за култура, утврдило дека судир на интереси во Агенцијата за филм, меѓу другите, имало кај филмската критичарка Ана Василевска, која одлучувала кој ќе земе народни пари, а воедно била и хонорарно платена од фестивалот „Златна рамка“, финансиран од државниот буџет преку Агенцијата за филм.

Судир на интереси и прекршување на законот имало и кај Бранко Петровски, кој незаконски бил назначуван за финански советник седум години по ред, иако законот го ограничува мандатот на само една година и бара за секој конкурс да биде назначена друга личност. Тој додека одлучувал кој ќе земе државни пари, бил и претседател на надзорниот одбор во друштвото на филмски работници, oрганизација раководенa од Игор Иванов – Изи и Томи Салковски, која исто така се финансира со пари од државниот буџет преку агенцијата за филм.
- „Работата на Агенцијата за филм е подредена на субјективизмот на мал број на лица кои имаат одлучувачки функции во остварувањето на нејзините надлежности. Таквото констатирано работење создава сомнеж за постоење индиции за прекршување и на Кривичниот законик.“ – Стои во Надзорен извештај од министерството за култура врз Агенцијата за филм.
Од Транспаренси интернешнл, во извештајот на министерството за култура увиделе и кривични дела со кои е оштетен државниот буџет.
- „Од овој извештај може да се заклучи дека се сторени десетина можни кривични дела за злоупотреба на службената положба или несовесно работење на службата заради кои е оштетен државниот буџет. Наведени се бројни случаи на непотизам и клиентелизам.“ – Пишуваат од Транспаренси интернешмнл.
Неодамна ТВ Алфа обелодени дека во Агенцијата за филм нема оправдание како се потрошиле над 800 илјади евра. Сомнеж за проневера на народни пари има кај 39 проекти, кои добиле околу 50 милиони денари а ниту снимиле филмови, ниту пак ги вратиле парите назад кај државата..
Во извештаите за работата на агенцијата се нотира и дека законот се применувал селективно, односно, наместо редовно вработените, за тоа кој ќе земе државни пари, да одлучуваат биле ангажирани надвореши соработници, кои имале судир на интереси. Тие пак, фаворизирале едни исти продукциски куќи кои постојано добивале народни пари.
Никола Цветкоски
