Потреба за маржи нема, инфлацијата е под контрола, смета заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески. Според него состојбата не е алармантна за да се преземаат драстични мерки.
„Имаме нормална инфлација за една ваква криза која не отскокнува многу, можеби е една од пониските инфлации ако земеме предвид дека ланската година овој период имавме и мерки и поради тие мерки на ограничување на маржите имавме малку повисока инфлација покажана во април во однос на март месец во државниот завод за статистика“, изјави Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд
Владината потрошувачка кошница за месец мај е готова вели заменик министерот. Таа е предадена на економско социјалниот совет и се очекува да добие позитивни сигнали за да започнат пресметките.

„Потрошувачката кошничка не е некој пандан на синдикалната минимална кошничка, едноставно ќе биде врз база на релевантни показатели, не само од Државниот завод за статистика, туку и од сите други институции во државата – од маркетите, пазарите,… Ќе ни биде потребна кога имаме економски кризи или одредени економски политики, да ни дава насоки во креирање нови законски решенија, економски стратегии, одлуки“, изјави Ристески
Засега остануваат најпогодени транспортните трошоци кои се зголемени над 10% додека на прехранбените производи и безалкохолните пијалоци зголемувањето изнесува само 0.7%
