Реклама
Македонија

И се гледa крајот на техничката влада – до крајот на март се очекува да биде изгласан законот

До крајот на март се очекува пратениците да го изгласаат законот за…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

До крајот на март се очекува пратениците да го изгласаат законот за укинување на техничката влада – механизам што речиси десет години беше дел од изборниот процес во земјава. Иако власта и опзицијата години наназад се натегаат токму за потребата од т.н. Пржинска влада – се чини – барем по најавите дека таа конечно заминува во историјата.  Од власта велат дека станува збор за прифатлив компромис и најавуваат дека техничка влада ќе има на следните избори, но не и на оние што ќе следуваат потоа. Мнозинството во Собранието уверува дека станува збор за чекор кон институционална нормализација, додека опозицијата предупредува дека укинувањето на истата без консензус е неодговорно.

Зависи во која постапка ќе пристигне — дали ќе биде скратена или редовна. Мислам дека по пристигнувањето во Собранието, согласно динамиката, не би требало да поминат повеќе од десет дена за да биде усвоено законското решение. Како што кажав, сите забелешки на опозицијата се инкорпорирани. Министерствата за кои тие сметаат дека треба да бидат опфатени согласно Законот за реорганизација на државните органи нема да важат од овие парламентарни избори, без разлика кога ќе се одржат, туку од наредните. Но сите знаеме дека употребната вредност на тој ентитет е помината и дека не треба да бидеме експеримент-држава во која такви ентитети ќе се внесуваат на сила, кога тоа е непотребно. – вели Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на најавите од опозицијата дека нема да го поддржи решението, од владејачкото мнозинство порачуваат дека конечниот став ќе биде познат откако законот ќе стигне во Собранието, потсетувајќи дека и претходно имало промени во позициите при гласање.

Реклама

„Пред отприлика десет дена имавме состанок со сите координатори и заменици координатори на пратеничките групи со министерот Минчев, на кој законското решение ни беше дадено лично. Како што можевме да видиме, одредени пратенички групи имаа забелешки кои се инкорпорирани. Очекувам оваа или наредната недела законот да пристигне во Собранието. Секој што има забелешки ќе може да интервенира со амандмани на соодветните комисии, но суштината е јасна — сите забелешки на опозицијата се прифатени и вградени.“ – вели Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Укинувањето на техничката влада беше една од темите и на лидерската средба од 14 јануари, свикана од премиерот Христијан Мицкоски. СДСМ ја бојкотираше средбата и се изјасни против вакви измени.

СДСМ велат дека институциите немаат доволен демократски капацитет и изразуваат сомнежи за злоупотреби и притисоци врз гласачите.

Премиерот Мицкоски возврати дека техничка влада ќе има на следните избори, но не и на оние што ќе следуваат потоа, оценувајќи дека станува збор за инструмент од поинакви политички околности. ВРЕДИ го поддржуваат законот, додека пак ДУИ истакнаа дека за ваков чекор треба да се консултира мешународниот фактор.

Техничката влада за првпат беше формирана во 2016 година. Во 2022 беше направен обид за нејзино укинување, но предлогот не доби доволна поддршка во парламентот.

Македонија имаше три технички премиери , Емил Димитриев , Оливер Спасовски и Талат Џафери.