Ако започнам љубовна врска, ќе бидам искрен јас сум ХИВ позитивен. 25-годишен скопјанец се охрабри пред камерата на Алфа ТВ да проговори за животот со вирусот. Сепак поради сензибилноста на темата ќе го наречеме Мартин и ќе го заштитиме неговиот идентитет.
„Па искрено, не знам, но, сепак мојот став е дека доколку веќе би започнал некаква љубовна врска, во принцип, јас преферирам да сум искрен, со оние кои што сметам дека треба да знаат, може би не на прва лопта, може би кратко подоцна, но јас би преферирал да сум отворен од тој аспект, но, ќе видиме времето кога ќе каже“ вели Мартин, позитивен на ХИВ
Мартин секој ден прима терапија. Современите лекови што се достапни и во Македонија го држат вирусот под контрола и спречуваат инфекцијата да се пренесе на друг.

„Генерално, не сум имал некој проблеми веќе сум и на недектибилен статус, така што генерално немам некој проблеми, мислам дека се е сосема во ред, во рамки на тоа што може на добар и квалитетен живот“ вели Мартин, позитивен на ХИВ
Сепак, зборовите „имате ХИВ“ и по две години одѕвонуваат во неговите уши. Вели дека не се плаши толку од вирусот, колку од предрасудите – како би реагирале родителите, пријателите, колегите, познаниците. Затоа во себе ја чува оваа голема тајна убеден е дека со состојбата може самиот да се носи, а тие нема да го разберат, туку ќе го осудуваат.
„Во принцип, мислам дека скоро со никого, не сум го споделил така отворено, да речам мојот ХИВ статус, освен со одговорните лица кои што знаат, да речам од Клиниката за инфективни болести, Заедно Посилни и сл. Чисто од причина што не мислам дека е нешто што како личност, не мисла дека е нешто со кое што би ги обременувал останатите околу мене“ вели Мартин, позитивен на ХИВ
Поради стравот од отфрлање, најголем дел од ХИВ позитивните во Македонија ја кријат својата состојба. Поддршка имаат во здружението „Заедно посилни“ кое постои 15 години.
„Основна задача ни е да обезбедуваме психо-социјална поддршка, нешто што ние го нарекуваме врсничка поддршка од лица кои го имаат искуството, кои самите живеат со ХИВ, но и кои се обучени да дадат помош на оние што дијагностицирани“ вели Адреј Сених, „Заедно посилни“
Во Македонија има околу 500 луѓе кај кои ХИВ инфекцијата е потврдена, но бројката на оние кои живеат со вирусот а не го знааат тоа, е неколку пати поголема. Тие не само што го ризикуваат своето, туку и здравјето на другите зашто не знајќи може да го пренесат вирусот. Токму затоа не треба да постои страв од бесплатното и анонимно тестирање. Навременото дијагностицирање значи нормален и исполнет живот без последици за себе и за саканите.
Давид Крстевски
