Прогласувањето на Хашим Тачи, а со тоа и самата УЧК за воени злостроници ја отвори пандорината кутија – ги врати спомените за делувањето нивната испостава во Македонија со која раководеше Али Ахмети во 2001 година и грозните дела за кои беа обвинети. „Мавровски работници“, „Непроштено“, „Липковска брана“ и „Водство на ОНА“ сеуште фаќаат прашина во архивите на македонското правосудство. Нивната судбина не ја знае никој.
Откако истот овој Хашки трибунал предметите и ги врати на Македонија, затоа што на времето реши да се фокусира само на високопрофилираните случаи, сите 4 останаа без било каква правна разрешница. За некои велат важел законот за амнестија, за други ека тие биле повлечени, а трета верзија е дека и воопшто нема официјлани обвиненија. Единствен орган кој може да ја расчисти работата е уставниот суд кој со години не решава дали за овие случаи важи општата аменстија.
- „Сега прво Уставниот суд треба да се произнесе дали овие предмети можат да бидат опфатени со амнестија, имајќи предвид дека кривично-правно се однесуваат на воени злосторства. Она што е сигурно е дека овие предмети се вратени во надлежност на македонското правосудство и дека тие се работа на македонските институции. За разлика од предметите што се однесуваат на Косово, овие четири предмети беа вратени во Македонија, во надлежност на македонското правосудство. Затоа, прашањето за нивното понатамошно постапување е прашање за македонските институции“ вели Ванчо Шехтански – Адвокат во хашките предмети во Македонија.
Работата стигна до Уставен суд, затоа што законот за амнестија не важеше за воени злосторства, но собранието на времето, со посебно толкување ги опфати вратените хашки случаи, што според многумина е политичка одлука, но не и уставна. Еден од тие е Павле Трајанов, кој лично го оспори ова собраниско толкување пред уставните судии.
- „Затоа што во Законот за амнестија не се опфатени таканаречените четирите хашки случаи. Со толкување не може да се прошири важноста или опфатот на тие што треба да бидат опфатени со толкување на, на законот. Значи, тоа повеќе од јасно е. Се работеше за политичка одлука тогаш“ рече во изјава за Алфа, Павле Трајанов – Поранешен министер за внатрешни работи.
Според него, и покрај сите правни заврзлами, обично правдата на крајот излегува на виделина. Доказ за тоа се пресудите за командантите во Хрватска, Србија, Босна, а сега и Косово.
- „Како што имаше постапки во Хрватска и Босна, сега има и во Косово, а веројатно и во Македонија можеби ќе дојде време пред лицето на правдата да излезат сите оние кои учествувале во злосторства против граѓаните и против човештвото. Не треба многу да очекуваме, но јас сум за тоа – ако има елементи на одговорност, за секој треба подеднакво да важат меѓународните закони “ дополнува Трајанов.
Од сите четири предмети, Единствено за случајот „Мавровски работници“ беше покренато обвинение против 22 поранешни припадници на ОНА, но постапката беше запрена по фамозното повикување на Законот за амнестија. За останатите три, натаму останува нејасно дали се отфрлени врз основа на амнестијата или се уште се водат како замрзнати предмети. Единствени кои ја платија цената за конфликтот во Македонија беа Љубе Бошковски и Јохан Tарчуловски, кои одлежаа затворска казна откако Хаг ги прогласи за виновни во случајот „Љуботен“.

