Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, денеска оствари средба со делегација од италијанската општина Неиве, предводена од градоначалникот Паоло Пичинели, во чиј состав беа и заменик-градоначалничката Луиза Бофа, советничката во Општина Неиве Силвана Трајановска и парохискиот свештеник отец Михаило Матевски.
– Поттикнати од силната желба да помогнат, македонската заедница, Македонската православна црква и локалното население, без оглед на националната припадност и верската определба, се обединија во молитви и хуманитарна поддршка за настраданите од пожарот во „Пулс“ – истакна градоначалникот Пичинели споделувајќи ги искуствата за солидарноста и заедништвото во Неиве по трагедијата во Кочани на 16 март 2025 година.

На иницијатива на свештенството и на македонската заедница била организирана акција за собирање парични средства, во која учествувале жители од регионот. Како резултат на оваа солидарна иницијатива, лани биле собрани и уплатени 40 илјади евра на сметката на Супорт – Кочани, наменети за поддршка на настраданите од трагедијата.
Делегацијата од Италија истакна дека македонската заедница, која е 20 % од жителите во Неиве, дава значаен придонес во севкупниот развој на нивната општина.

Градоначалникот Владко Грозданов изрази благодарност за иницијативата, хуманоста и несебичната поддршка од жителите на Неиве и регионот, кои со својата солидарност покажаа дека Кочани не е само во мислите и молитвите на пријателите од Италија, туку и во конкретни дела.

