Преспа не е само регион што се наоѓа на границата на трите земји, туку е единствен простор што обединува три земји. Преспа може да стане европски пример за тоа како три земји може заедно да го штитат екосистемот и истовремено да создадат можности за локалните заедници, велиг радоначалникот на грчката општина Преспа, Јоргос Стергиу, во пресрет на утрешниот состанок на министрите за култура на трите земји што го делат Преспанското Езеро за заедничката кандидатура, со поддршка и од Европската Унија, за впишување на езерото на листата на УНЕСКО.
Грчкиот весник „Катимерини“ во петокот објави дека иницијативата на Грција од 2014 година сега се проширува и како сојузници ги има двете соседни земји за Преспанското Езеро да се впише на листата на УНЕСКО, а Општина Преспа ќе биде домаќин на средба на министрите за култура на трите земји, Лина Мендони, Бленди Гонџа и Седат Сулејмани, на која ќе присуствува и амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, а со цел да се испланираат следните чекори.
За оваа иницијатива, за значењето за поширокиот Преспански Регион, за она што би можело да го донесе и за заштитата на екосистемот, но и за економијата на локалните заедници, за важноста на европската поддршка, но и за соработката со општините од другата страна на границата, говори градоначалникот на грчката општина Преспа.
Стергиу вели дека вклучувањето на Голема Преспа, како што во Грција се нарекува Преспанското Езеро, во листата на светско наследство на УНЕСКО ќе донесе меѓународна промоција и ќе создаде нови можности за културата, заштитата на природната средина, туризмот и локалната економија.
Смета дека заедничката кандидатура во позитивна смисла може да ги обврзе трите земји да соработуваат уште поблиску и заеднички да планираат, а европската поддршка има и практично и симболично значење.
Говори и за соработката со Општина Ресен нагласувајќи дека имаат особено блиски односи и веќе се прераснати во секојдневна комуникација.
– Регионот може да функционира како една заедничка дестинација, а не како три дестинации, кои само се граничат меѓу себе – посочува градоначалникот.
Дополнително, во интервјуто се осврнува и на новиот граничен премин Лемос – Маркова Нога и за текот на работите од грчката страна на границата велејќи дека ќе значи „почеток на нова ера за прекугранична Преспа“.
Општина Преспа ќе биде домаќин на министрите за култура на трите земји по повод заедничката кандидатура за вклучување на Преспанското Езеро на листата на светско наследство на УНЕСКО. Што оваа заедничката кандидатура значи за Вас и за локалната заедница, но и за економијата и туризмот во поширокиот регион?
– Заедничката кандидатура на Голема Преспа од страна на трите земји е историска можност. За нас во Преспа, не станува збор само за настојување да се добие титула. Тоа е признавање на уникатната вредност на едно место, кое природата и историјата никогаш не го разделија и покрај границите. Вклучувањето во листата на светско наследство на УНЕСКО на Преспа ќе ѝ донесе меѓународна промоција и ќе создаде нови можности за културата, заштитата на природната средина, туризмот и локалната економија.
За локалната заедница, сепак, најважно е што овој процес може да создаде заедничка визија за иднината. За нас најважно е да ги задржиме младите луѓе во својот роден крај, да го поддржиме производството и да создадеме квалитетен и одржлив туризам, без да го нарушиме она што ја прави Преспа уникатна.
Колку е важна европската поддршка за оваа иницијатива?
– Исклучително е важна. Една толку сложена прекугранична иницијатива бара научна поткрепеност, студии, координација и ресурси. Европската поддршка може да биде катализатор за да преминеме од политичка волја во пракса, односно кон процесот на подготовка на документацијата.
Паралелно, има и силна симболика: покажува дека Европа ја препознава Преспа не како област на границата туку како заеднички европски природен и културен простор.
Сакаме европската поддршка да биде основа за долгорочна соработка, која ќе продолжи и по завршувањето на првите студии.
Сметате дека вклучувањето на Преспанското Езеро во УНЕСКО може суштински да придонесе за заштитата на екосистемот и биодиверзитетот во регионот, но и да ги зајакне односите и соработката меѓу локалните заедници на трите земји?
– Да, и ова можеби е најзначајната придобивка од иницијативата. УНЕСКО не треба да се гледа само како промотивно признание. Треба да биде рамка за заедничката заштита и управувањето со Голема Преспа.
Регионот располага со уникатна комбинација од природна средина, биодиверзитет, пејзаж, историја и културно наследство. Заедничката кандидатура во позитивна смисла може да ги обврзе трите земји да соработуваат уште поблиску и заедно да планираат.
А ова има многу поголемо значење. Преспа може да стане европски пример за тоа како три земји може заедно да го штитат екосистемот и истовремено да создадат можности за локалните заедници.
Какви се денес односите и соработката на Општина Преспа со општините од другата страна на границата?
– Односите се многу добри и, пред сè, од нивото на добри намери преминаа на ниво на секојдневна соработка.
Со Општина Ресен имаме особено блиски односи. Соработуваме во европски и прекугранични програми, во областа на културата, туризмот, животната средина и локалниот развој. Постојат контакти и со локалната заедница на Преспа во Македонија, како и со општините Пустец и Девол во Албанија.
Веќе имаме заедничка перцепција дека проблемите на Преспа не запираат на границите. Тоа треба да важи и за решенијата.

Кој е најголемиот предизвик со кој денес се соочува поширокиот регион на Преспа?
– Најголемиот предизвик е да ја комбинираме заштитата на еден исклучително чувствителен екосистем со можноста луѓето да живеат и да просперираат овде.
Климатските промени, управувањето со водните ресурси, притисокот врз екосистемите, намалувањето на населението и потребата од создавање приходи се прашања што се меѓусебно поврзани.
Не можеме да зборуваме за заштита на природата, без да зборуваме за луѓето што живеат во Преспа. И, обратно, не можеме да го планираме развојот, без да го заштитиме природниот капитал, кој претставува најголемата компаративна предност на регионот.
Дали постои простор за дополнителна соработка со Македонија и Албанија?
– Секако. Постојат многу повеќе можности од оние што досега сме ги искористиле. Можеме повеќе да соработуваме во туризмот, културата, цивилната заштита, земјоделското производство и промоцијата на локалните производи.
Сакаме Преспа да не биде интровертна. Регионот може да функционира како една заедничка дестинација, а не како три дестинации, кои само се граничат меѓу себе.
Отворањето на границата (Лемос – Маркова Нога) и подобрувањето на инфраструктурата се многу важни, но исто толку важно е луѓето од трите страни уште повеќе да се запознаат, да соработуваат и да се создадат цврсти врски меѓу локалните заедници.
Друг значаен проект за локалните заедници во двете земји е новиот граничен премин Лемос – Маркова Нога. Како напредуваат работите од грчка страна и кога се очекува да биде завршен?
– Новиот граничен премин е проект од стратешко значење за регионот и претставува цврсто барање на локалните заедници. Поврзувањето Лемос – Маркова Нога не е само нова патна врска. Тоа е инфраструктура што може да го промени начинот на кој функционира целиот регион на Преспа олеснувајќи ги комуникацијата меѓу луѓето, туристичкото движење и економската активност.
Од грчка страна се направени значајни чекори и одблиску го следиме напредокот на проектот. Она што сега е важно е непречено да продолжи процедурата и да се завршат потребните работи и инфраструктури, така што новиот премин да биде пуштен во употреба што е можно побргу.
За нас, овој граничен премин не е крајот на една рута, туку почеток на нова ера за прекугранична Преспа.
И можеби ова е основната порака што треба да произлезе од средбата в петок: Преспа не е регион што се наоѓа на границите на трите земји. Таа е единствен простор што обединува три земји.

