За изминативе пет години, граѓаните и фирмите му должат на Град Скопје над 36 милиони евра за даноци и такси. Од градската управа информираат дека средствата од даноците за имот и комуналните такси се основните извори за приход на Град Скопје, а со нив се овозможува финансирања на разни проекти, услуги што ги даваат комуналните претпријатија и јавните установи, како и трошоците на средните училишта. Градската власт апелира до сите даночни обврзаници да ги подмират своите обврски во најкраток можен рок.
„Според евиденцијата на Секторот за даноци на имот и Комунални такси, за периодот од 2020 до 2025 година, по основ на даноци и такси, граѓаните и компаниите, имаат долг спрема Градот Скопје во износ од преку 36 милиони евра.
Се повикува сите даночни и таксени обврзници (правни и физички лица) кои немаат платено данок на имот, данок на промет, данок на наследство и подарок и комунална такса-фирмарина, да ги подмират своите даночни обврски во најкраток временски рок.“- велат од Управата на Град Скопје.

Секој даночен обврзник може да изврши увид на својот долг, да ги преземе даночните и таксените решенија и електронски да ги плати преку електронската платформа на Град Скопје. Долгот може да се плати и преку Даночните шалтери кои работат од понеделник до петок од 8 до 19 часот, а дополнително ќе работат и во сабота на 31.12.2025 година.
Просечната годишна наплата на данок на имот изнесува околу 81 %. Граѓаните и фирмите годишно плаќале околу 21 милион евра за имот во периодот од 2017 до 2019 година според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Стапките на данокот на имот се утврдени во член 3 од Законот за даноците на имот и тие се пропорционални и изнесуваат од 0,10% до 0,20% од пазарната вредност на имотот. Висината на стапките, со одлука, ја утврдува советот на општината и Советот на градот Скопје.
