Горивата што се точат на бензинските пумпи во Македонија и се меѓу најевтините во регионот, ги исполнуваат највисоките стандарди за квалитет и безбедност. Надлежните уверуваат – контролите се редовни, лабораториските анализи ригорозни, а системот се усогласува со европските правила.
„Важна пресвртница е донесувањето на новиот закон за енергетика, кој постави посилна правна рамка за пазарен надзор и овозможи поефикасно следење и контрола на квалитетот на горивата од страна на надлежните институции. Работиме и на модернизација на правилникот за квалитет на горивата, кој долго време не е изменет, сѐ со цел целосно усогласување со европските стандарди и воспоставување појасни и поефикасни процедури за контрола и мониторинг во пракса“ – вели Сања Божиновска, министер за енергетика.
Божиновска нагласи дека лабораториите имаат клучна улога во целиот процес, а координацијата меѓу институциите е неопходна за доверба кај граѓаните, фер конкуренција и заштита на животната средина.

„Токму затоа ставаме силен акцент на усогласеноста со европските стандарди, континуираното подобрување на лабораториските капацитети и конструктивната соработка со акредитирани лаборатории и јавни институции. Квалитетот не може да се обезбеди изолирано, тој бара координација, конзистентност и взаемна доверба меѓу сите вклучени институции“ – вели Димитриос Пасхос, генерален директор на ОКТА.
„Нашата држава ги следи најновите европски стандарди и секако ние, како едни од најголемите добавувачи и дистрибутери на пазарот, имаме акредитирана лабораторија во склоп на ОКТА, која го прати квалитетот на сѐ она што го увезуваме и на сѐ она што го продаваме на домашниот пазар, како и на извозот кој оди надвор од нашата држава“ – вели Евгенија Димовска, менаџер за инспекција и контрола во ОКТА.
На регионалниот симпозиум на лаборатории од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Бугарија, кој 10-та година по ред се одржува во организација на ОКТА, експерти од Балканот разменуваа искуства за контролата и следењето на квалитетот на нафтените деривати.
„Согласно прописите на ЕУ, и кај нас, исто како и во Македонија, горивата редовно се контролираат и маркираат, се врши мониторинг на пумпите, усогласеност на резервите кои се увезуваат од Унгарија и Австрија“ – вели Даниела Јовиќ од Југоинспект Нови Сад.
Квалитетното гориво не е само прашање на стандарди, туку на безбедност, доверба и заштита на граѓаните.
