Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја оцени 2025 година како една од најтешките – година на национална траума, но и година на клучни тестови за државата.Претседатеката во обраќањето до пратениците и јавноста се осврна на многу теми меѓу кои владеењето на правото, европскиот пат и довербата во институциите. Од трагедијата во Кочани, преку европските условувања, до реформите во правосудството – пораката беше дека импровизација повеќе не смее да има.
Во најемотивниот дел од говорот, претседателката се осврна на трагедијата во Кочани, оценувајќи дека тоа бил момент кога државата морала да застане пред себе и да се соочи со длабоките системски пропусти – од игнорирање на процедурите до културата на неказнивост.
„За жал, 2025 ќе остане врежана во нашите мисли и срца како година на ужасната трагедија во Кочани. Сите ние до крајот на животот ќе ја носиме траумата од трагедијата во која загинаа 63 наши сограѓани, синови и ќерки, родители и пријатели. Со пожарот во дискотеката во Кочани на површина излезе грдото лице на стихијното одлучување, игнорирањето на процедурите, недостатокот на системска контрола, но и на културата на неказнивост и на двојни стандарди.“

Говорејќи за европските интеграции, претседателката порача дека државата е реформски усогласена, но политички блокирана. Таа предупреди дека без јасни гаранции и заштитни механизми, уште една уставна промена може да значи излез од процесот без вистинска добивка.
„Во случајот со македонските евроинтеграции, проблемот не е административен, туку лежи во уставните амандмани. Ние сме технички усогласен, но политички блокиран кандидат за членство, велат бројни експерти и извештаи. Брзата лента на која се најдоа некои земји-кандидати не е резултат само на нивните реформи, туку и на политичката волја на Унијата. На вагата на Европската Унија, чинам дека нашите уставните измени како да имаат поголема тежина од суштинските реформи. Независно колку реформски постигнувања додаваме, на крајот, политичкиот услов натежнува и ни се испорачува многу висока политичка сметка.“
Во делот за правосудството, претседателката нагласи дека вистинските реформи почнуваат со јасни правила. Наместо пополнување на испразнети места по старите критериуми, порача дека е потребно да се почека новиот Закон за Судски совет – за да се обезбеди меритократија, а не политички договори зад затворени врати.
„Во тој контекст, мојата одлука да се воздржам од номинација на двајца членови на Судскиот совет, сè додека не се донесе новиот закон, не беше чин на пасивност, туку чин на одговорност. Свесна бев дека не може да има судски реформи со антиреформски профили креирани по мерка на партиите, а не по мерка на владеењето на правото. Согласно новиот Закон за Судскиот совет, врз основа на јасни, мерливи и строги критериуми, ќе предложам добри кандидати, луѓе со неспорен интегритет, професионален углед и знаење. Со тоа ќе се прекине праксата на политички договори зад затворени врати и ќе се отвори патот за вистинска меритократија во судството. Само независен Судски совет може да биде гарант на правдата. Сè друго е илузија што ја плаќаат граѓаните.“
Претседателката се осврна и на прашањето за миграциите и одбиените баратели на азил во Обединетото Кралство, нагласувајќи дека доколку одредени поединци се безбедносен ризик за Британија, тие по дефиниција претставуваат уште поголема закана и за нашата безбедност. Таа зборуваше и за „Safe City“ како доказ дека навиките се менуваат кога правилата важат за сите, предупреди дека фемицидот е врв на толерирано насилство и системски неуспех, и потенцираше дека хуманизмот и солидарноста мора да се претворат во политика – и за помалите заедници и за лицата со попреченост, со вистинска инклузија и уривање на бариерите. Повика на национален консензус за државните интереси, со порака дека само заеднички – без поделби и дневнополитички калкулации – може да се обнови довербата и да се изгради општото добро.
