Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, заедно со Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, денеска остварил целодневна посета на Карпош и на терен извршил увид на тековните градски и заеднички проекти, а биле утврдени и приоритетите за наредниот период.
– Договоривме јасни приоритети за следниот период, зад кои Град Скопје ќе застане со силна поддршка и конкретни активности. Денот го започнавме со оние што ни даваат најмногу причини да веруваме во иднината – најуспешните ученици на Карпош. Присуствувавме на свеченото доделување признанија за нивниот труд, знаење и постигнати резултати. Нивните успеси се гордост за семејствата, училиштата и целиот град, а наша обврска е да им обезбедиме услови во кои ќе продолжат да учат, да напредуваат и да ги остваруваат своите соништа – изјавил Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски и неговиот тим одржале и работен состанок со општинските служби, на кој биле утврдени следните чекори за заеднички проекти, поддршката од Градот и реализацијата на ветеното.
– За секое ветување имаме одговорност пред граѓаните, а таа одговорност се докажува со работа и резултати. Го посетивме и просторот каде што се создава новиот мега парк – 86.000 квадратни метри наменети за одмор, рекреација и убави мигови за сите генерации. Со нова урбана опрема, детски катчиња, повеќенаменски игралишта, зеленило и сопствена хидрантска мрежа, Карпош добива простор во кој детската игра, спортот и семејните прошетки ќе станат дел од секојдневието. Токму ова место со години беше огромна дива депонија, слика што потсетуваше на Вардариште. Наместо да се заштити еден од најубавите делови на градот, несовесното однесување и непостапувањето на поранешните градски власти дозволиле тука да се натрупува отпад, да се палат кабли и да се шири чад – посочил Ѓорѓиевски.

Според него, граѓаните предолго ги трпеле последиците од таквата негрижа и на тоа, како што рече, се става крај.
-Депонијата е исчистена, отстранет е слојот од теренот на кој со години се таложел отпад и се носи чиста земја. Просторот се подготвува за уредување и за новото зеленило, а со секој завршен чекор поранешната депонија се претвора во место што ќе им припаѓа на граѓаните. Наскоро, Карпош добива нов мега парк, простор што ќе остане за сегашните и за идните генерации и доказ дека со одлучност, работа и соработка можеме да ги менуваме и најзапуштените делови на Скопје – истакнал Ѓорѓиевски.
Градоначалникот нагласил дека од ветените проекти за Карпош, привршуваат и градежните активности за пуштање во употреба мостот на „Љубљанска“, проект од огромно значење кој неколку години беше закочен.

