Со зголемен буџет, повеќе осигуреници и највисоко рангирање за транспарентност, Фондот за здравствено осигурување ја заокружи 2025 година. Фондот се грижел за над 1 милион и 840 илјади осигуреници, со тренд на стареење на популацијата што значи дека бројот на пензионери расте побрзо од бројот на активни работници. Според годишниот извештај вкупните вложени средства достигнале 51,5 милијарди денари, или близу 836 милиони евра, со што буџетот расте веќе петта година по ред.
„Најголем дел од финансиите се наменети за јавното здравство, но за забележување дека во 25 г. имавме и историско зголемување на капитаците за матичните лекари од 33 проценти, најголемо зголемување во повеќе од една деценија. Имаме раст на сите услуги и во болничкото лекување, и во специфичните здравствени услуги како кардиохирургија, диализа, офтомологија и така натаму. “– вели директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Дополнително, според извештајот, расходите за боледување и породилни надоместоци растат. За 22,9% се зголемени трошоците за боледувањата, а бројот на породилните отсуства иако е ист, бележи зголемени надоместоци, кои се должи на зголемените плати. Од фондот велат дека се зголемени контролите со цел да се намалат злоупотребите.

„Секако со контролите продолжуваме, исто времено го системетризираме проблемите, имаме формирано работна група за измени на правилникот за боледување, и правиме анализа каде се пропустите, што можеме да подобриме, и тоа сакаме да го направиме преку консултативен процес. Секако со матичните доктори кои се одговорни за управување со боледувањето, меѓутоа, сакаме да се консултираме и со синдикатите и работодавачите, и здруженијата на пациенти. Целта на промените во боледувањето нема да биде скратување на оправданите барања, туку спречување на злоупотребите за да оставиме слободен простор за тие што навистина немаат потреба, и мислам дека нема да биде неминовна дигитализацијата на процесот, и заради ефекасност, и заради поголема транспарентност на работите.“- вели Клековски.
Пораснал и бројот на издадени рецепти на товар на Фондот. Во 2025 година реализирани се 27,3 милиони рецепти, што е зголемување за 4,5%, со вкупна вредност од 3,6 милијарди денари односно 68 милиони вера. Просечно број рецепти по осигуреник изнесувал 14,8 годишно.
Според извештајот на Агенцијата за слободен пристап до информации, ФЗО во 2025 година се искачи од 45то на прво место како најтранспарентна институција во Македонија. Изминатата година беа воведени и шест бесплатни инвитро обиди, и беа дигитализирани дел од процедурите. Од Фондот најавуваат дека ќе продолжат со подобрување на пристапот до здравствени услуги за сите граѓани.
