Венко Филипче и СДСМ покажуваат една политичка незрелост, со која сами целосно се изолираат и маргинализираат на политичката сцена во Македонија. Партијата си ја влошува и така катастрофалната состојба во која се наоѓа по минатите парламентарни, а посебно последните локални избори. За политиките на Филипче и партиското раководство веќе подолг период низа силни критики доаѓаат од сите страни, а од и поранешни видни партиски членови и функционери.
Екс градоначалникот на Центар од СДСМ, Саша Богдановиќ вели дека Филипче не смеел да одбие ваков предлог за средба, без разлика на политиките кои се застапуваат. Според него треба да се учествува и разговара, а доказ за тоа е што и сите други прифатиле да седнат на маса.
-Тогаш треба и вие да го прифатите тој дел, односно да го прифатите делот во политичката сцена за да учествувате. Со тоа само се покажува една политичка незрелост од страна на СДСМ, бидејќи на таквите лидерски средби се отвораат, се дискутираат многу прашања во кои и СДСМ ќе дадат свои предлози. Со ова едноставно вие само се оттргнувате од политичката сцена и некако се маргинализирате, изјави Богдановиќ.

Се поставува прашањето дали Филипче направи погрешна проценка надевајќи се дека и другите политички лидери од опозицијата ќе ја одбијат поканата за средба, но остана сам во таквата одлука. Од ДУИ порачаа дека тие одат на лидерска, бидејќи Ахмети бил сериозен човек и политичар, а тие поакжувале дека се државотворна партија. Богдановиќ вели дека социјалдемократите со ова испраќаат многу лоша порака и до самите нивни членови и симпатизери.
-Ахмети кој што ај да кажам доживеа дебакл, јавно се спротиставува и доаѓа некогаш во директен судир премиерот, гледате дека прифаќа, тука покажува некоја политичка зрелост. Овда мислам дека има една политичка незрелост и несериозност на некој начин, со тоа што праќате до самите гласачи, симпатизери, членови и обичен народ кој што треба да го убедите утре да ви ја дадат поддршката, дека едноставно не сакате за некои клучни прашања да седнете и да разговарате на маса, изјави Богдановиќ.
СДСМ претходно кажаа дека нема да одат на лидерска средба и не прифаќаат укинување на техничката Влада, иако токму нивниот поранешен лидер Димитар Ковачевски беше првиот кој кажа дека таа повеќе не е потребна, била за некои други времиња. Филипче како една од причините зошто морало да има ваква Влада пред избори, го наведе Сејф Сити. Според него бил механизам на власта за масовно следење на граѓаните, па опозицијата морала да има технички министер за внатрешни работи со цел да го контролира овој систем.
Матеја Петровски
