Фијаско за ДУИ, партијата на Али Ахмети никако не може да се снајде во опозиција, интерпелациите за четирите владини функционери беа целосно политички промашување, сметаат познавачите. Доказ за тоа е што дури и нивните пратеници не гласаа за одговорност на министрите. Поранешниот пратеник Владимир Ѓорчев за Алфа вели дека доказ за неуспехот на интегративците е што не успеале ниту да ја држат оваа тема во јавноста подолг период, туку се завршило за само неколку часа.
-Имате ситуација да од 18 пратеници на ДУИ, за една од интерпелациите гласаат само тројца нивни пратеници, тоа покажува дека ниту самите тие не веруваат во тоа што го работеле. Не ја држеа темата пет- шест- седум- осум дена, туку се помина за неколку часа. Така што мислам дека целата нивна иницијатива беше неуспешна и во јавноста и во Собранието, а и генерално. Едноставно немаше основа за сето тоа што го бара, затоа што јавноста гледа дека Владата добро функционира, изјави Ѓорчев.
Универзитетскиот професор Самоил Малчевски, вели дека доказ за големиот неуспех на ДУИ е самото тоа што во текот на расправата за интерпелациите, не беа присутни најголемиот број од нивните пратеници.

-ДУИ никако не може да се снајде како опозициона партија, очигледно е дека им требаше еден ваков период да се научат како се делува и во опозиција. По мене, интерпелациите им беа тотално промашен политички маркетинг, кој што вчера заврши со едно големо фијаско. Толку фијаското беше големо што дури ни нивните пратеници не веруваа во интерпелациите, па дури во салата беа присутни пет шест од 15 во текот на денот, вели Малчевски.
ДУИ поддршка не доби ниту од СДСМ, со кои седум години сложно ја делеа власта. Според Ѓорчев овој потег е за очекување барем пред јавноста, бидејќи ниту двете партии во моментов со бројот на пратеници не можат ништо против власта. Вели дополнителен проблем за нив е што Владата во моментов со своите резултати ја зголемува довербата кај граѓаните.
-СДСМ во секоја прилика кога можеле да соработуваат со ДУИ, соработувале и тоа би го направиле што се вели и утре доколку ги имаат бројките и доколку има математика. Но, мислам дека со победата на ВМРО-ДПМНЕ и со перформансот, со резултатите на Владата на Христијан Мицкоски и целата коалиција, целиот владин кабинет, мислам дека едноставно не се остава политички простор да ДУИ со нивните иницијативи како оваа да добие некоја поддршка во јавноста, вели Ѓорчев.
Ваквиот потег на СДСМ е очекуван и според Малчевски. Сите случувања во ДУИ довеле до тоа партијата на Венко Филипче да се обиде да се дистанцира од Али Ахмети.
-Па мислам дека после сите случувања во ДУИ, после ставањето на Артан Груби на црна листа, СДСМ свесно полека се дистанцира од ДУИ или од она што заедно го правеа минативе седум години додека беа на власт. Очекувам таа реторика како минува времето да се заозбилува и да станува се почеста и почеста, вели Малчевски.
Дека интерпелациите на ДУИ се без никаква поента и дека ќе завршат без успех, беше познато и претходно. Според политичкиот аналитичар, Александар Ристевски нивната цел била само колку толку да имаат внимание во јавноста и со цел да останат актуелни кај нивното гласачко тело, кое се ситни со секој ден минат во опозиција.
-Она глумење на жртва, она што го шират, па не можам веќе да го наречам пасивен национализам и шовинизам, веќе е отворен, малку се губи земајќи во предвид дека само пред две три години глумеа еколошка и зелена партија. Така да, мислам дека ова е само еден нивен своевиден обид да останат актуелни, да останат во жижата на случувањата и борење за внимание на јавноста и борење за внимание на јавноста пред локалните избори кои ни следуваат за девет месеци, изјави Ристевски.
Без успех минаа интерпелациите за вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, неговиот заменик Астрит Исени. Додека со 61 глас ЗА и 22 против беше изгласана интепрелацијата за претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Илире Даути.
Матеја Петровски
