Зајакнувањето на соработката меѓу Македонија и Австрија во областа на енергетиката беше во фокусот на посетата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на Виена, каде што учествува во меѓународната програма „Жени лидери – Југоисточна Европа и Црното Море/Јужен Кавказ 2026“.
Во рамки на престојот, Божиновска остварила работна средба со генералниот секретар на Сојузното министерство за економија, енергетика и туризам на Австрија, Северин Грубер, на која биле разгледани билатералните и економските односи, актуелните прашања во енергетиката, енергетската транзиција и можностите за продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот сектор.
Како дел од програмата, министерката учествувала на сесија посветена на оперативното управување со кризи, а остварила и работен ручек со директорот на Дипломатската академија на Виена, амбасадорот Мартин Ајхтингер, на кој се разговарало за лидерството, јавната служба и значењето на меѓународната размена на искуства.

Во продолжение на престојот во Виена, Божиновска ќе има обраќање пред студентите на Дипломатската академија на Виена и предавање посветено на енергетската транзиција и состојбите во македонскиот енергетски сектор. Пред студентите ќе бидат презентирани процесите за развој на обновливите извори на енергија, модернизацијата на инфраструктурата, енергетската сигурност и регионалното енергетско поврзување.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини посочуваат дека со учеството во програмата се отвора простор за нови партнерства и меѓународна размена на искуства во енергетскиот сектор.

