Еден од компјутерските томографи на Универзитетскиот институт за радиологија – Скопје од денеска е ставен во функција и е достапен за извршување дијагностички прегледи, информираа утрово од Министерството за здравство.
– Со цел навремено обезбедување на здравствените услуги, Институтот започна со организирано повикување и закажување нови термини за сите пациенти, чии прегледи беа привремено презакажани поради настанатата состојба. За таа цел, организирана е работа во две смени, како и дополнителна работа во текот на претстојниот викенд, со цел во најкраток рок да се реализираат прегледите, согласно расположливите капацитети и утврдените медицински приоритети – велат од Министерството.
Во однос на компјутерскиот томограф, лоциран во хируршкиот комплекс и наменет првенствено за дијагностичка обработка на итни пациенти, како што појаснија од Министерството, сервисната постапка сѐ уште е во тек и се очекува да заврши во најскоро време.
– Постапувањето со итните пациенти продолжува согласно воспоставената меѓуинституционална координација и организација за обезбедување континуитет на неопходните дијагностички услуги, односно итните пациенти се згрижуваат во ГОБ „8 Септември“ и Хируршката клиника „Свети Наум Охридски“ во Скопје. Апелираме во јавноста да не се изнесуваат непроверени информации, со цел да не се нарушува довербата во здравствениот систем – се додава во соопштението.

