Дваесет и пет невработени лица од Делчево ќе бидат работно ангажирани на активности за подобрување на јавната хигиена во градот, преку мерката 5.1 – „Јавни работи“ од Оперативниот план за вработување за 2026 година.
Средствата за реализација на мерката се обезбедени од Владата, а активностите се спроведуваат преку Агенцијата за вработување. Ангажманот ќе трае од 26 октомври до 4 декември 2026 година.
Ангажираните лица ќе бидат распоредени на повеќе локации во Делчево, каде што ќе извршуваат активности поврзани со јавната чистота, во координација со Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ – Делчево.
Денеска беа потпишани договорите за работен ангажман, со што од утре лицата започнуваат со работа на терен и ќе бидат вклучени во активности од интерес за локалната заедница.
Мерката „Јавни работи“ овозможува активирање на невработени лица преку времен работен ангажман и соодветен хонорар, а истовремено придонесува за подобрување на јавната хигиена и уреденоста на Делчево.
Од Општина Делчево посочуваат дека преку ваквите активности се создава директна корист и за лицата кои се вклучени во мерката и за целата локална заедница, преку почисти и поуредни јавни површини.

