Реклама

Откорнати кровови, паднати дрва, блокиран сообрајќај-силно невреме го погоди истокот

„Колегиум“ на Алфа ТВ стартува утре – дебата без ракавици

Младите да останат дома – општините со мерки против иселувањето и белата чума

Сè помалку ученици, сè поголема демографска грижа – клучот е во образованието

Федерација на фармери: Се мачиме, ќарот оди кај трговците, а граѓаните плаќаат прескапо

Драматична ноќ на Пелистер, се брани Националниот парк од огнената стихија – повреден работник кој скокнал од булдожер

Исланд ѝ сврте грб на ЕУ, сериозен удар за политиката на проширување

Останува високата опасност од пожари, тешка битка со пламените јазици на планината Жеден

Балканот влегува во ерата на дата центрите – соседите инвестираат милиони

Забрани или едукација: Како до побезбеден дигитален свет за децата?

Борба против врсничкото насилство – училиштата со нови мерки

Растот на платите мора да биде следен со поголема куповна моќ и посилен приватен сектор

Македонија

Дваесет и две годишната Ана Накова на еден од најтешките триатлони „Ironman“ во Талин: Самодовербата, упорноста и тренингот беа одлучувачки да поминам на досега најубавиот „финиш“

Вербата во себе, упорноста и тренингот беа одлучувачки да поминам на најубавиот…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Вербата во себе, упорноста и тренингот беа одлучувачки да поминам на најубавиот „финиш“ што досега го имам поминато. Вака македонското девојче од Кочани, Ана Накова го опишува својот најголем успех по истрчани неколку полумаратони, како една од помладите учесници на нејзиниот прв триатлон „Ironman“ во Талин, Естонија.

Ана има 22 години и веќе три години живее и работи во Холандија, годинава учествуваше на триатлонот „Ironman“, кој за атлетичарите е еден од најтешките спортски предизвици, бидејќи освен што треба да си подготвен за него, треба да се справуваш и со временските неприлики – дожд, ниски температури и студена вода. Таа поминала половина од дистанцата на триатлонот. 

– Мојата дистанца што ја завршив  беше 1.900 метри пливање, 90 километри велосипед и 21,1 километар трчање или полумаратон. Додека целосниот или фул триатлонот „Ironman“ е двојно од тоа што јас го постигнав. Јас успеав да го завршам за осум часа, што не е предобар резултат, но е во граници на дозволеното, бидејќи овој триатлон има строги критериуми и има одредено време, за кое можеш да го завршиш пливањето, возењето велосипед и трчањето. Јас го завршив во рамките на тоа време-вели Ана.

Реклама

На триатлонот „Ironman“ во Талин имало околу 2.000 учесници, од кои само 60 биле на возраст од 18 до 24 години, меѓу кои и Ана. Таа посочува дека во целата оваа своја мисија тргнала со голем оптимизам. Верувала оти на денот на трката ќе го даде својот максимум, бидејќи на тренинзите имала одлични резултати. 

​- ​Но, кога влегов во водата, буквално беше многу студено, беше престудено.​ Иако имавме дозвола да носиме одело за пливање, сепак беше многу ладно. Кога влегов во водата и се обидов да пливам како што знам и како што сум научила во претходните неколку месеци, јас едноставно не можев. Отчукувањето на срцето ми беше многу поголемо од нормалното. Ако, на пример, на тренинзите ми се 120 до 130 отчукувања, тука ми беше 170-180, што не е нормално. Значи, воопшто не е нормално. И мислам дека тоа предизвика да не можам да го дадам својот максимум на пливањето. ​Но, сепак продолжив, затоа што сите околу мене буквално се мачеа, во вистинска смисла на зборот – вели Ана. 

Додека пливале во студената вода на езерото Харку имале голема поддршка од волонтерите, но и самите учесници се бодреле едни со други. 

– ​На 200-250 метри пред крајот ме фати грч и во двете нозе, на двата листа. Буквално не можев да ги помрдам нозете-вели Ана.

Со многу емоции се сеќава на тој миг кој бил пресуден, за оваа храбра девојка да продолжи понатаму и покрај силната болка во двете нозе. Поддршка во тој момент добила од волонтерката, која што ја бодрела и и зборувала дека има уште многу малку до целта и да го заврши пливањето. Ана собрала сили, иако, како што вели, имала многу малку време да го заврши првиот дел од триатлонот. 

​-Продолжив да пливам само со раце. Само со раце пливав до крајот, без нозе. Всушност утредента кога ја отворив апликацијата видов дека со пливањето сум завршила за еден час, 9 минути и 59 секунди, една секунда од завршување на трката-објаснува Ана.

Продолжила со транзицијата – да се пресоблече и стартува со возењето на велосипед иако имала силни болки во двете нозе. Ана посочува дека велоспидската трка била во должина од 90 километри, а додека возела дувал ветер со брзина  до 53 километри на час.

Постигнала персонален рекорд на велосипедот и, како што вели, била навикната на ветерот, бидејќи во Холандија тренирала во такви временски услови. Но, теренот во Естонија сепак не бил рамен, туку имало и ридови. Продолжила со третиот дел – со трчањето, добила медицинска помош за нозете. Ана вели дека во тие моменти одлучуваш сам дали ќе продолжиш. Продолжила да трча со бавно темпо. Појаснува дека за разлика од маратоните на кои е дозволено да имаат слушалки, телефони, на триатлонот не им биле дозволени употреба на никакви електронски уреди, освен часовник на едната рака. Забележува дека она што и оставило впечаток е вниманието што им се дава на сите учесници. 

-Организаторите даваат исто значење како на првиот, така и на последниот, и на тој што е претпоследен и на тие што се во средина. Значи на сите исто внимание, на секој учесник името му се спомнува, на секој државата му се спомнува и затоа тој финиш е најочекуваниот миг за сите. Кога пристигнуваш на финишот имаш ѕвонче, за тие што првпат ја завршуваат трката да чукнеш на ѕвончето. Навистина финиш линијата тука беше прекрасна, околу 100 метри беше трчањето, осветлено, па и тоа што врнеше дожд даваше посебен шмек, атмосфера – вели Накова.

Македонското девојче од Кочани, каде и да трча низ светот си ја промовира својата родна земја

Дваесет и две годишната Ана Накова, која е родена во Кочани, а пред три години заминала да живее и да работи во странство заедно со семејството, не си го заборава ниту својот роден град, ниту својата држава. Ја користи секоја прилика да ја промовира Македонија и на триатлонот во Талин била пријавена дека доаѓа од Македонија. 

За овој триатлон се пријавила во јануари годинава, немала тренер,  сама тренирала по 10 часа неделно. Таа вели дека инвестирала и тоа скромно, возела велисипед од околу 1.000 евра, за разлика од други учесници кои имале велосипеди и од 20.000 евра, но како што вели ако одлучи да се натпреварува и понатаму во триатлон ќе почне да работи со тренер, за да постигне уште подобри резултати. Инаку, во својот роден град Кочани на училишните крос-натпревари освојувала први, втори, трети места и со леснотија секогаш трчала. Кога се преселила во Холандија трчањето и станало секојдневие. Првиот нејзин полумаратон бил во Палма де Мајорка.

Учествувала на полумаратони во Скопје, во Бангкок, во Тајланд. Во нејзината соба освен опремата, на видно место се и медалите од сите нејзини полумаратони. Забележува дека градот во кој што живее во Холандија има одлични услови за тренинг, односно има базени, велосипедски патеки и патеки за трчање. вдј/вг