Собранието ги усвои измените на Законот за јавните набавки, со кои се воведуваат нови правила за избор на понуди, поголема транспарентност и поширока примена на дигиталните алатки, вклучително и вештачка интелигенција за следење на постапките и откривање можни ризици. Една од главните новини е задолжителната примена на критериумот „најдобар сооднос помеѓу цена и квалитет“. Тоа значи дека при изборот на понудите нема да се оценува само цената, туку и квалитетот и долгорочната оправданост на набавката.
Со измените се прошируваат и надлежностите на Бирото за јавни набавки за користење современи дигитални алатки, кои треба да овозможат поефикасно следење на постапките и навремено препознавање неправилности што би можеле да укажуваат на злоупотреби. Предвидена е и автоматска размена на податоци со други институции, со што треба да се намали административниот товар и да се олесни контролата. Новите правила предвидуваат и поголема транспарентност при постапките со преговарање без претходно објавување оглас, преку објавување известување за доброволна претходна транспарентност во законски утврдените случаи.

