Документарниот филм „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски, кој ја тематизира трагедијата во „Пулс“ во Кочани, синоќа имаше светска премиера во официјалната документарна конкуренција на 32. Сараевски филмски фестивал.
Како што наведува ПР-тимот на Манчевски, „Добри луѓе” е снимен со минимална филмска екипа, само еден месец по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 млади луѓе. Манчевски го снимил со свои средства, во знак на почит кон жртвите и преживеаните и на публиката ѝ ги носи непосредните сведоштва на тивките херои, кои се обидувале да спасуваат животи, но и на преживеаните.
Според селекторката на фестивалската програма, Рада Шешиќ, која го водела разговорот со режисерот по проекцијата во Сараево, „естетиката на филмот е воздржана и минималистичка за на тој начин уште посилно и поверодостојно да го соочи гледачот со страшните факти на трагедијата“.

-Публиката не можеше да ги скрие силните емоции. По проекцијата во салата завладеа заглушувачка тишина, која траеше бесконечно – за потоа да биде разбиена со силен аплауз од емотивната публика. „Во оваа громогласна тишина се собра сета тага на Кочани што ја почувствува светот“, изјави режисерот Манчевски. По аплаузот се одржа жив разговор со публиката која одушевено го прими филмот. Во разговорот, кој го водеше селекторката на програмата Рада Шешиќ, учествуваа Манчевски, директорот на фотографија Иван Ивановски и дел од соговорниците во филмот – преживеани од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На премиерата присуствуваше и директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, кој дојде од почит кон Манчевски, иако „Добри луѓе“ е реализиран без финансиска поддршка од државата. Денеска е закажана уште една проекција на филмот во рамки на фестивалот, се наведува во соопштението.

„Добри луѓе“, пред и по премиерата, имаше и силен медиумски одглас – во американскиот „Варајати“, во „Синеуропа“ и во регионални медиуми кои објавија интервјуа, текстови и осврти за документарецот на Милчо Манчевски.
Во интервјуто за „Варајати“ Манчевски вели дека почнале да снимаат само еден месец по трагедијата.
-Одлучив „Добри луѓе“ да биде екстремно аскетски, строг и минималистички, за да го избегнеме искушението за филмска манипулација. Го тераме гледачот директно, лице в лице, да се соочи со зборовите и лицата на хероите и на жртвите. Наша задача беше да не се мешаме. Ние вредно работевме во заднина филигрански да создадеме една голема приказна од десетиците лични приказни, ама сакавме да останеме невидливи. Воздржаноста е збор на денот, а изненадува колку напор треба за да се постигне тоа, изјави Манчевски.
За „Варајати“ тој вели и дека филмот го направил за да им даде глас на преживеаните, а нивното искуство да остане забележано за идните генерации.
-Добри луѓе“ е реализиран со приватни средства на Манчевски преку Банана-филм, без учество на Агенцијата за филм, во соработка и со поддршка на „Сапорт Кочани“. Манчевски, продуцентите и дистрибутерите се откажаа од добивка, а целиот приход од филмот е наменет за жртвите во Кочани, се наведува во соопштението.
Монтажер е Мишко Чунихин, директор на фотографија е Иван Ивановски, музиката е на Игор Василев – Новоградска, а извршни продуценти се Татјана Ќурчинска-Пепељугоска и Лудовико Кантисани.
По светската премиера во Сараево, македонската премиера на филмот ќе биде на 23 август на фестивалот „Македокс“ во Скопје.

