Проекциите на Европската Комисија за економски раст на Македонија од 3,2% годинава и 3,3 отсто во следните две години се јасен сигнал дека земјата се движи во позитивна насока – смета министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска. Таа вели дека зголемената проекција за 2025-та и 2026-та година е потврда за стабилноста, издржливоста и довербата во економските политики кои ги спроведува Владата. Кочоска потенцира дека растот на БДП во првите 6 месеци од годинава бил повисок од очекуваното и поддржан од инвестициите, приватната потрошувачка и подобрените извозни перформанси. Таа очекува јавните вложувања во инфраструктурата, како и инвестицискиот циклус на компаниите да бидат главни двигатели на растот во следните години. Постепената стабилизација на инфлацијата, пак, според неа, ја зајакнувала економската предвидливост.
„Реализацијата на големите инфраструктурни проекти и спроведувањето на реформите од Планот за раст на ЕУ ќе имаат поголем придонес за уште побрз развој. Овие позитивни сигнали од Европската Комисија се силен поттик да продолжиме со одговорни политики што ја зајакнуваат економијата и го подобруваат животниот стандард на граѓаните. Како Влада и како Министерство за финансии, остануваме посветени на стабилни јавни финансии, фокусирани инвестиции и реформи што го забрзуваат економскиот развој“ – вели Димитриеска Кочоска.
Европската комисија во есенските проекции, нотира дека Македонија има напредок на полето на фискална консолидација и дека очекувањата се буџетскиот дефицит да се намали до нивото од 3,2% во 2027-мата година. Комисијата наведува дека остануваат ризиците врз економијата на умерено ниво. Домашните потекнуваат од намалувањето на потрошувачката на домаќинствата како резултат на инфлацијата или евентуални проблеми при реализација на инфраструктурните проекти, а надворешните поради индиректните влијанија кои ги имаат американските царини преку извозот на автомобилски компоненти во Германија, која е наш најголем трговски партнер.
