Остар мирис на изгорена пластика и електроника. Магливо, загушливо. Воздухот во околината на Трубарево е тежок. Камиони полни со песок се пробиваат низ тесните празни улички, да ја затрупаат и последната искра од огнот кој остави пустош и кој беше изгаснат по интервенција долга повеќе од 15 часа.
Чад, пепел, загаден воздух. Ова се последиците од пожарот кој изби во капацитетите со електронски метал и пластика. Пожарникарите, припадниците на полицијата и армијата се уште се на терен. Овде теренот се затрупува со земја и ситна песок. Дел од жителите веќе се евакуираат.
Очевидец за Алфа ја раскажува целата траорна случка. Од првите пожарникарски сирени кои ги слушнал, па се до неговата евакуација кога синоќа дошла полицијата да им понуди да се сместат во Центарот за обука во Идризово. Повеќето жители, како што раскажува Јован Блажевски набрзина ги напуштиле своите домови. Изутрината можеше да се забележи дека тие се враќаа во своите куќи, но само на кратко – да си спакуваат по некоја торба, и привремено да го напуштат своето живеалиште.

Ги слушнав сирените, и знаев дека тоа се сирени на пожарната, излеговме надвор и видовме огромен црн облак. Траеше долго време гаснењето. Вечерта дојде полиција и ни кажа да се евакуираме. Ние спиевме кај роднини во Маџари, сега дојдовме само да земеме некои работи и повторно се враќаме кај нив. Слушнавме и за капацитетите во Центарот за обука. Некои таму, некои по роднини и пријатели и така се снаоѓаме, вели Јован Блажевски, жител на с.Трубарево.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување ги сподели сите детали за сложената интервенција. Со координирана акција и ангажман на сите надлежни служби, огнот беше ставен под контрола.
Има камиони кои носат песок, со кој со механизација се затрупува пожарот. Има доволно механизација и кога би имало повеќе возила не би можело да се работи, затоа што станува збор за локација со потесни улици и потежок е пристапот. Оптимално беа искористени сите ресурси. За гаснење на електронскиот отпад беше побарана и помош од ОКТА и ТАВ Македонија, кои обезбедија пена за гасење и ЦУК. Пожарот го гаснеа скопски пожарникари, БТР возила, армиски и полициски хеликоптер и еден ер-трактор. Сето ова овозможи пожарот да не се прошири и да зафати други објекти во кои се складирало пластичен отпад, рече директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
За првиот човек на Противпожарната бригада на Скопје, Томевски интервенцијата е успешна и поради фактот што немаше повредени пожарникари.
Она што е најбитно интервенцијата ја оценувам како успешна бидејќи никој од колегите не е повреден, сите безбедно се вратени дома, ниту некој од граѓаните побарал дополнителна помош од нас. Вакви пожари се тешки пожари, кои тешко се гасат, но, благодарените на организираноста на сите институции во државата успеавме брзо да го ставиме под контрола што дури и за мене беше изненадување. Мирисот од пожарот веќе е интензивно намален, го нема оној интензивен препознатлив мирис кој беше на почетокот. Се надевам дека до крајот на денот целосно ќе биде затрупана и целосно обезбедена како депонија, односно нема да има исчадување од неа, изјави командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје Звонко Томевски.
Пожарот што избувна вчера во магацини каде се складирале електронски отпад и пластика, беше успешно изгаснат доцна во ноќта. Тешката акција вклучуваше интервенција од копно и од воздух. Беа активирани хеликоптери, ер трактори, возила со специјална пена, водените топови на ЕБР. Сликата вчера беше застрашувачка – црн чад го обви Скопје, а пожарникарите со посебна опрема се бореа со огнената стихија во екстремно тешки услови.
