Делегација од македонското Собрание учествуваше на Интерпарламентарниот состанок на Комитетот за култура и образование (CULT) при Европскиот парламент, посветен на спроведувањето на Европскиот акт за слобода на медиумите (EMFA), кој се одржа на 4 и 5 ноември во Брисел, Белгија.
Во состав на делегацијата, како што соопшти собраниската прес-служба, беа пратеничките Саранда Имери Стафаи, претседателка на Комисијата за култура и туризам, Каљтрина Беќири, заменик-претседателка, и Драгана Арсова, заменик-членка на Комисијата.
– На состанокот учествуваа пратеници и претставници на националните парламенти, членови на Европскиот парламент, претставници на европските институции, како и експерти од областа на медиумите. Целта на состанокот беше размена на искуства и ставови за регионалното, националното и европското спроведување на Европскиот акт за слобода на медиумите, како и разгледување на неговото влијание врз медиумската средина, медиумскиот плурализам, независноста на медиумите и демократското општество – се наведува во соопштението.
Работата се одвивала низ четири тематски сесии, посветени на подобрувањето на медиумското опкружување, родовата еднаквост во медиумите, дигиталните предизвици и обезбедувањето веродостојни информации, како и перспективите за спроведување на Актот и неговата поддршка на регионалните медиумски екосистеми.
Во рамки на првата сесија, Саранда Имери Стафаи се осврнала на актуелната состојба со медиумите во Македонија и ги посочила предизвиците со кои се соочува државата во оваа област.
Преку дискусиите и размената на искуства биле разгледани различните национални пристапи и предизвици во спроведувањето на европските стандарди за слобода на медиумите, како и можностите за унапредување на меѓупарламентарната соработка во оваа област.
Учеството на делегацијата на Комисијата за култура и туризам, како што се наведува во соопштението, претставувала можност за непосредно запознавање со актуелните европски политики и практики во областа на медиумските слободи, размена на искуства со претставници на националните парламенти и европските институции, како и придонес кон меѓупарламентарниот дијалог за заштита и унапредување на медиумскиот плурализам, независноста на медиумите и демократските вредности.

