Битката на лидерот Венко Филипче против Алфа се претвори во донкихотовски подвиг. Во офанзивата и нападите врз новинарите и медиумите тој очигледно останува сам, затоа што повеќето функционери од СДСМ барем пред камерата на Алфа се далеку поумерени. Тие не го осудуваат својот лидер, но сметаат дека е непринципелно да се напаѓаат медиуми. Некои дури му се чудат.
Поранешниот премиер и претседател на социјалдемократите, Димитар Ковачевски, во стилот на „не сум од тука“, помалку чудно и не знаел за навредите на човекот кој го наследи на партиското кормило.
-(Дали се согласувате со овие напади од Филипче кон Алфа?) Не сум прател. (Има дека сме биле партија која што не контролирала, дека имало криминали и останати работи, оцрнување на медиумот.) У тоа мораме да погледнеме, да видиме. (Дали според вас е дозволено лидер на партија да етикетира медиум, да оцрнува на таков начин медиуми?) Гледајте сега зависи и медиумот како се поставил, дали е неутрален дали е непристрасен итн. Така да, секогаш има две страни кои треба да се погледнат, кажа Ковачевски пред камерата на Алфа.

Поранешната директорка на УЈП и актуелна пратеничка на СДСМ Сања Лукаревска е контра односот на Филипче кон Алфа.
-Медиумите и партиите меѓу себе треба да имаат навистина многу коректна соработка, кажа Лукаревска пред камерата на Алфа.
На сличен став е и поранешната пратеничка Снежана Калеска Ванчева.
-Јас лично никогаш не сум сметала, ниту пак сметам дека треба да бидат медиумите, новинарите напаѓани. Но, сепак некои работи се случуваат во државата кои што не се баш најдобри и во медиумскиот простор, мислам дека тоа низ дијалог треба да го решиме, кажа Калеска Ванчева пред камерата на Алфа.
Претседателка на Форумот на жени на СДСМ, Каја Шукова, на роденденската прослава на СДСМ, не беше расположена да одговара на прашања за оваа тема, но изрази надеж дека состојбата ќе се подобрела.
-Зошто настапувате со вакви прашања, денеска е убав ден славиме 35 години на партијата. (Како медиум сме погодени) Како сте погодени. (Па нападнати сме, кривична пријава ни е поднесена.) Видете, кој како си ја прима информацијата така. Ние сметаме секако дека имаме нефер информации од вашата телевизија спрема нас, јас се надевам дека тие работи со време ќе се подобрат, порача Шукова.
Љубомир Фрчкоски, пак не знаел ништо.
-(Дали се согласувате со нападите на Филипче кон Алфа?) Не знам ништо околу тоа, кратко кажа Фрчкоски.
Новиот член на Централниот одбор на партијата Рубин Земон, прво ќе се консултирал со раковдството, па ќе изградел став околу нападите кон Алфа.
-Па сега, ќе се консултираме со раководството, изјави Земон.
На роденденската забава пред фајронт, откако завршија говорите на Филипче, дојде и поранешниот лидер Зоран Заев, а тој не сакаше воопшто да коментира за потезите на својот близок пријател.
Инаку Венко Филипче во своите јавни настапи неосновано ја обвинува ТВ Алфа за нелегално финансирање, но и дека ширела антиевропски наративи. Очигледно барањето да се одговара за криминалите од минатото, расветлување на аферите на СДСМ, како и одбраната на националните интереси, на македонската историја и идентитет за актуелниот шеф и раководство на СДСМ е одработување за Русија и за Кина.
Матеја Петровски
