Дедо Мраз се спушти од хеликоптер и ги израдува најмладите, децата на македонските мировници во странски мисии, но и на војниците од целата Армија. Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот Сашо Лафчиски им подарија новогодишни пакетчиња.
Иако далеку од домовите, преку видео врска со своите семејства успеаја да се видат и мировниците.
-Првично би сакал да ве известам дека во текот на 2025-та година македонскиот контингент професионално, чесно и достојно ја претставуваше македонската Армија и македонската држава и ве уверувам дека со истите вредности ќе продолжиме во текот на 2026-та година, порача.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вели дека е горда на целата македонска Армија. Пред мировниците и нивините семејства порача дека токму тие се една од причините за успешната приказна на македонската војска, која е институција што ужива многу висока кај граѓаните.
-Нашата вредност, вашата, на мировниците, ама и на македонската Армија никогаш не била повидлива. Нема место на кое што вие нашите мировници не сте рамноправно третирани. Ние сме како едно големо семејство, јас сум горда што сум со вас. Навистина нема анкета која што ја Армијата на ја лоцира на врвот, изјави Сиљановска Давкова.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски вели дека Армијата од година во година станува се поуспешна приказна, чиј напредок е признаен и НАТО Алијансата.
-Сите ние во Министерството за одбрана, но секако и во Армијата сме ви благодарни за сето она што го покажувате, за вашата професионалност и вашата посветеност. Упатувам порака до членовите на вашите семејства, би рекол вашата најсилна поддршка, бидете силни, трпеливи и горди на нашите војници, нашите подофицири и официри, особено сега кога најблиски во име на татковината ја зацврстуваат безбедноста не само на регионот, туку и на Алијансата, изјави Мисајловски.
Началникот на Генералштабот Сашо Лафчиски вели АРМ е едно големо семејство и сите заедно допринесуваат за напредок. Вели во развојот голема помош доаѓа и од Мисајловски и Сиљановска Давкова.
-Ова е вистински начин господине министер како еден министер се грижи за семејствата на припадниците, не само преку морални пораки, но и физички како тоа се прави. Јас верувам дека сите денеска, вклучително и ние што сме тука, но пред се семејствата тоа го чусвствуваат. Ние сме тука заедно со вас да продолжиме да ја гледаме Армијата да биде една успешна приказна, изјави Лафчиски.
Во касарната Страшо Пинџур во Петровец децата на вработените имаа можност да видат и дел од воздухопловниот винг со кој располага македонската војска.
Матеја Петровски
