Научно-стручна расправа по предлог-законот за помилување ќе се одржи денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Организаторите на расправата, Здружението за кривично право и криминологија на Македонија (ЗКПКМ) и Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, најавија дека на расправата ќе се обратат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за правда Игор Филков, деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Сашо Георгиевски, и претседателката на ЗКПКМ, Александра Груевска-Дракулевски.
Здружението посочува дека целта на предлог-законот за помилување е да воспостави јасна, транспарентна и временски ограничена постапка.

– Една од најзначајните измени во предлог-законот е дека претседателот може да даде помилување само за санкцијата, но не и за кривичното гонење на поименично определени лица, односно се укинува аболицијата. Мошне значајни се и решенијата со кои детаљно е разработена постапката за помилување. Во таа насока, предвидени се кратки рокови за секоја од институциите што се вклучени во постапката за помилување – се вели во најавата.
Од научно-стручната расправа се очекува да произлезат заклучоци што ќе бидат доставени до Министерството за правда во насока на унапредување на текстот на предлог-законот.
Предлог-законот за помилување е објавен на ЕНЕР на 30 декември 2025 година, а е достапен на страницата https://ener.gov.mk/Default.aspx item=pub_regulation&subitem=view_reg_detail&itemid=73885.
