Владата ѝ даде разумен рок на градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, да почне да ја си ја работи работата за која е платена од граѓаните. Во спротивно премиерот најави преземање на радикални мерки.
Ова следува откако вчера сите градоначалници на општините во Скопје испратија барање до Владата за одземање на ингеренциите на Арсовска, во делот на јавното комунално претпријатие и „Паркови и зеленило“.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, го разбира гневот на градоначалниците и ги повика надлежните институции да се позанимаваат со тоа што се случува во Градот Скопје и јавните претпријатија и зошто тие не постапуваат по своите надлежности.

„Во моментов во јавното претпријатие „Комунална хигиена“, оперативно функционираат само три камиони со капацитетност од 20 метри кубни, кои што треба да го одлагаат отпадот од Градот Скопје и околу 20 камиони со капацитетност од пет метри кубни и истите тие треба ревносно да го собираат сметот од повеќе од 1000 микролокации, во кои што се сместени четири и пол илјади контејнери, повеќе од 80.000 канти, повеќе од 120 подземни контејнери, кои што сами по себе се специфични за да се одложи отпадот кој што се наоѓа во нив. Уште еден податок. Во 2017 година, јавното претпријатие „Комунална хигиена“ имаше оперативни камиони за одлагање на отпад повеќе од 80-на. Е сега направете ја паралелата, за да сватите во каква очајна состојба се наоѓа јавното претпријатие и во каква очајна состојба некој го доведе Градот Скопје“, рече Златко Перински, министерот за локална самоуправа.
И експертот по административно право, Борче Давитковски, смета дека владата може во секое време да ги преземе ингеренциите од Арсовска, оти јавниот интерес и граѓаните мора да ги добијат јавните услуги за кои самите плаќаат.
„Градот е една целина, колку што знам еве на пример сметката за вода од тука се слеваат парите и за ѓубретарина и за паркови и зеленило, значи во една сметка три јавни претпријатија се опслужуваат со пари. Така што, тешко би било според мене да се цепкаат. Добро е владата да ги земе ингеренциите да стави повереници и да се извршуваат дејностите и функциите од јавен карактер“, рече Борче Давитковски, пензиониран професор по административно право.
Граѓаните се се погласни и на социјалните мрежи за хаосот во Скопје. Во 21 век на секој чекор никнува дива депонија и освен што е извор на зараза, е и лоша слика пред туристите. Граѓаните се жалат и на нефункционалноста на Јавното сообраќајно претпријатие. Автобусите доцнат, а тие мора да ги чекаат со часови на жешкото време, а само во последните месец дена се случија неколку незгоди.
Не е прв пат владата да одземе ингеренции на локална самоуправља. Претходната власт им одзема ингеренции на некои градоначалници во делот на образованието.
Таков беше случајот со Арбен Таравари, поранешниот градоначалник на Гостивар, кога ДУИ му ги одзема ингеренциите во делот на поставувањето на директори на училиштата. Ист беше и случајот со градоначалникот на Битола Тони Коњановски, кому актуелната влада му ги врати овластувањата.
Љубиша Владимиров
